Јапонците и нивните глупи проблеми: Немаат доволно заболени за да го тестираат ниту лекот што ѝ го донираа на Македонија

И додека развиените нации се тркаат кој прв ќе развие терапија и вакцина за Ковид-19, Јапонија станува жртва на својот сопствен успех во задушување на епидемијата на коронавирусот, пренесуваат светските агенции. Имено, поради намалувањето на бројот на новозаразени, Јапонија сега има проблем со недостаток од пациенти кои би учествувале во клиничките испитувања, поради што истите би требало да започнат следниот месец. За разлика од Јапонија, во другите земји клиничките испитувања врз луѓе се веќе во тек за повеќе од десетина потенцијални вакцини, од кои барем шест во Кина.

Од истата причина, Јапонија се наоѓа во апсурдна позиција и во однос на лекот Авиган на јапонската корпорација FUJIFILM Holdings – оној истиот „off label“ лек што пред пар денови ни го донираше за лекување на пациентите од Ковид-19 во Македонија. Имено, лекот е веќе одобрен за користење при терапија на Ковид-19 во Русија и Индија, а во Јапонија сѐ уште не, иако премиерот Шинѕо Абе ја пофали неговата ефикасност и изрази надеж дека ќе биде одобрен уште во мај:

„Поради намалувањето на бројот на зарази од коронавирус, сметаме дека ќе ни биде потребно некое време пред да може да биде комплетирано клиничкото истражување“, вели Тетсуја Накамура – кој го предводи тестирањето на Авиган во Универзитетската болница во Гунма во централна Јапонија. „Штета е што е Авиган е одобрен во прекуморските земји, но не и во Јапонија“, додава тој.

Јапонија се покажа подобра од повеќето развиени земји во справување со Ковид-19. Иако во последните месеци епидемијата го доведе јапонскиот здравствен систем до работ на издржливоста, бројот на сериозни случаи во земјата се движи околу 60.

Во меѓувреме, во земјата се започнати околу 54 клинички истражувања во врска со Ковид-19, но повеќето од нив се сѐ уште во фаза на регрутирање на пациенти. Клинички испитувања на лекот Авиган, пак, се во тек во барем 25 земји во светот, откако интересот порасна во март, кога кинеско официјално лице рече дека се чини дека лекот им помага на пациентите да се опорават од Ковид-19.

За проблемот со недостаток од пациенти зборува и примерот со јапонската биотехнолошка компанија Healios K.K. Тие во април најавија регрутација на пациенти од Ковид-19 за тестирање на експериментална терапија на белите дробови, но сѐ уште немаат регрутирано ниту еден, иако бараат мал број:

„Бевме внимателни да ја одредиме големината на тест групата согласно со малиот број на пациенти во Јапонија, и затоа бараме само околу 5 пациенти“, најави компанијата.

Поради недостатокот од домашни пациенти, Јапонија, се чини, ќе мора, доколку го одобри лекот, тоа да го направи потпирајќи се на податоците и резултатите од истражувањата во другите земји, што не е ретка пракса, под услов „квалитетот на податоците да се смета за доволно добар“.

Извор: Japan Times

- Реклама -