Јапонскиот феномен на „луѓето што испаруваат“

Како тазе женет во 1980-тите, јапонскиот учител по боречки вештини Ичиро очекувал само убави нешта. Тој и неговата сопруга – Томоко, живееле во Саитима – просперитетен и убав град со расцветани цреши надвор од Токио. Набрзо добиле и син – Тим. Сé им одело добро, па добиле и идеја да отворат ресторан, за кој земале кредит. Но пазарот колабирал, а Ичиро и Томоко одеднаш се нашле до гуша во долгови. Тогаш го направиле тоа што стотици илјади Јапонци го прават во слични околности – ја продале куќата, си ги спакувале „парталите“ и исчезнале. Преку ноќ. Засекогаш.

„Луѓето се кукавици“, вели денес Ичиро. „Сакаат ‘еден ден да ја фрлат крпата’, да изчезнат и да се појават одново некаде каде што никој не ги познава. Никогаш не замислував бегањето да заврши самото со себе… Знаете, исчезнувањето е нешто што не можеш да го избришеш. Бегањето е кратенка кон смртта“.

За Јапонија читаме многу пикантерии, но ретко за „луѓето што испаруваат“. Од средината на 1990-тите, се проценува дека годишно исчезнуваат најмалку 100.000 мажи и жени. Тие самите се архитектите и планерите на своите исчезнувања, поштедувајќи се од мали и големи неволји – разводи, долгови, губење на работата, неположувањето на важен испит…

„The Vanished: The Evaporated People of Japan in Stories and Photographs“ е првата подетална репортажа околу феноменов. Француската новинарка Léna Mauger начула за истиот во 2008-ма, и ги поминала следните 5 години известувајќи за приказна на која и самата не можела да поверува.

„Табу е. Не е нешто за што можеш отворено да зборуваш. Но луѓето можат да исчезнат затоа што постои цело друго општество под јапонското. Кога луѓето исчезнуваат, тие знаат дека можат да најдат начин да преживеат“, вели Мажер.

Излегува дека овие луѓе живеат во „изгубени градови“ направени по нивни терк. На пример, градот Санја. Го нема на ниту една мапа. Технички, не ни постои. Се работи за сиромашен „кварт“ во рамките на Токио, кварт чие име е избришано од властите. Работата што можете да ја најдете таму е раководена од јапонската мафија – јакуза, или од вработувачите кои бараат евтини работници на црно. „Испарените“ живеат во мали, запоставени хотелски соби, најчесто без интернет или приватни тоалети. Во повеќето такви, зборувањето е забрането после 18 часот.

Фотографија од квартот Санја.

* * *

Во еден таков хотел, Мажер го сретнува Норихиро. Сега 51-годишен, тој исчезнал пред 11 години. Од една страна, ја мамел сопругата, ама пресудниот момент бил кога ја изгубил работата како инженер. Премногу засрамен да му соопшти на своето семејство, Норихиро во почетокот се преправал дека оди на работа; секој работен ден ќе станел рано, ќе облечел костум и вратоврска, ќе ја грабнел актовката и ќе ја бакнел сопругата за поздрав. Потоа ќе заминел со автомобилот до зградата во која порано работел, но ќе го преседел целиот ден во кола, без да јаде, без никому да му се јавува. Тоа траело цела недела. Стравот дека ќе му ја откријат маската направил да му биде неподносливо.

„Не можев веќе да продолжам. По 19 часот уште чекав, бидејќи имав навика да одам на пијачки со шефовите и колегите. Ќе возев наоколу, и кога конечно ќе се вратев дома, добивав впечаток дека сопругата и синот се сомневаат. Се чувствував виновен. Немав веќе плата што можев да им ја дадам“.

На денот кога наводно требало да ја земе новата плата, Норихиро се облекол деловно како и обично, и се качил на истиот воз со кој понекогаш одел на работа. Само што, овојпат, заминал во обратната насока, право кон „тајниот“ град Санја. Не се поздравил, ништо не навестил, не оставил порака, и ако денес го прашате неговото семејство, веројатно ќе ви кажат дека претпоставуваат дека заминал во некоја шума и се самоубил. Денес живее под лажно име, во соба без прозорци која ја заклучува со катанец. Се убива од пушење и пиење, и е решен да се самоизмачува до крајот на животот, за казна.

„После сето ова време, секако дека би сакал да се вратам на мојот стар идентитет… Но не сакам моето семејство да ме види во ваква состојба. Погледни ме. Изгледам како ништо. Јас сум ништо. Ако умрам утре, не сакам никој да може да ме препознае“.

* * *

Јуичи е поранешен градежник кој „испарил“ некаде кон средината на 1990-тите. Се грижел за својата болна мајка, а трошоците – домашна нега, храна, кирија – го довеле до банкрот.

„Не можев да поднесам да ја изневерам мајка ми“, вели. „Таа ми даде сé, а јас бев неспособен да се грижам за неа“.

Тоа што Јуичи го направил следно ќе ви се чини парадоксално, па и перверзно, дури и за една јапонска култура во која самоубиството се смета за чесен начин да се избрише срамот што некој му го нанел на своето семејство или себе си. Имено, Јуичи ја однел мајка му во евтин хотел, ѝ изнајмил соба, и ја оставил таму, без никогаш да се врати. Ете, сега е во Санја.

„Овде“, вели, „гледаш луѓе на улиците, но тие веќе престанале да постојат. Кога избегавме од општеството, исчезнавме за прв пат. Сега овде се убиваме бавно“.

Уличка во сличен „град“ – Кабукичо.

* * *

„Испарувањата“ доживуваат пораст во клучните точки на јапонското живеење: по Втората светска војна, кога националниот срам го доживуваше својот врв, но и по финансиските кризи во 1989 и 2008 година.

Од потребите на исчезнатите се роди цела сива економија, која меѓу другото се погрижи и за услуги како тоа да направат исчезнувањата да изгледаат како киднапирања, домовите да изгледаат ограбени, финансиските траги и трансакции да бидат избришани.

Една таква компанија е „Night-time Movers“ („ноќна служба за преселби“, во превод), предводена од човек нарекуван Шу Хатори. Тој раководел со легитимна компанија за преселби сé до една вечер, кога една жена во караоке бар го прашала дали може да направи таа „да исчезне, заедно со нејзиниот мебел“. Му раскажала дека не може да ги поднесе долговите на сопругот, и дека ѝ го уништуваат животот.

Од таа вечер, Хатори наплаќал по 3.400 долари за полноќно селење. Имал разнолика клиентела – од жени кои шопингувале до степен да ги доведат своите семејства во долгови, преку жени оставени од сопрузите и мажи оставени од сопругите, до студенти на кои им бил смачен животот во студентски дом и под контрола на родителите.

Шу одбил да им даде специфични информации на авторите на книгата (Мажер, заедно со соработниците), но вели дека на крајот се откажал од работата. Инаку, и самиот Хатори „испарил“ кога бил дете, кога со своите родители исчезнале од Кјото, исто така поради долгови. Од таа перспектива, на својата поранешна работа – полноќното селење, гледа како на добрина, како на помош за луѓето како него.

На крајот, сепак, полноќното селење се покажало мошне плодно за Хатори. Тој заврши како консултант во јапонско ТВ шоу посветено на феноменот, кое ќе стане хит во доцните 1990-ти. Се работи за фиктивна антологија базирана на вистински исчезнувања, дел и според раскажувањата на Хатори. Шоуто е насловено „Flight by Night“ (ноќно бегство) или „Ангели за изнајмување“ (оригиналниот наслов е Yonigeya Honpo), а компанијата „Rising Sun“.

*

Колкав и да е срамот што ги мотивира Јапонците да исчезнат, домино ефектот врз нивните семејства е можеби и поголем. Тие, срамејќи се да имаат исчезнат роднина/близок, не ни ги пријавуваат случаите во полиција. Тие што се одлучуваат да ги бараат, тоа го прават преку услугите на групи како „Поддршка за семејства на исчезнати луѓе“, која сите детали на клиентите ги чува во тајност. Адресата на компанијата тешко ќе ја најдете, а „штабот“ им е една мала соба со едно биро и многу дим од цигари.

Во организацијата работат купишта детективи, често и самите од семејства со самоубиства или „испарувања“ во својата историја. Годишно имаат по 300 случаи, а работата не им е лесна. За разлика од САД, на пример, Јапонија нема национална датабаза на исчезнати луѓе, а јапонските закони ѝ забрануваат на полицијата да има пристап до податоците од банкоматите и финансиските извештаи.

„Повеќето од истрагите завршуваат на пола пат“, вели Сакае Фуручи – неофицијален директор на компанијата. Затоа и цените им се високи, од 500 долари дневно до 15.000 долари месечно – невозможни суми за тие чии блиски исчезнале поради долгови.

Фуручи се сеќава на еден случај со млад човек кој исчезнал на возраст од 20 години. Заминал да полага испит, и никогаш не се вратил дома. Сосема случајно подоцна негов пријател го сретнал во јужно Токио. Инспекторот ги пребарувал улиците додека конечно не го нашол „бегалецот“. Најдениот се тресел од срам, пишува Мажер. Раскажал дека воопшто и не го полагал испитот, од страв дека ќе падне и ќе го разочара семејството. Сакал да се самоубие, ама ете, не смогнал храброст и не нашол начин.

Друг случај, нерешен, зборува за мајка на хендикепирано 8-годишно дете. На денот на музичката приредба на својот син, мајката исчезнува без трага и глас, и покрај ветувањето дека ќе седи во првиот ред. Столчето останува празно, а оттогаш никој веќе ја нема видено. Сопругот и синот очајувале; сопругот уверувал дека никогаш не покажала знаци дека била несреќна, дека ѝ било тешко, или дека направила нешто погрешно.

Сакае не губи надеж. „Мајка е. Можеби животниот пат ќе ја одведе назад до саканите“, вели инспекторот.

* * *

Од многу аспекти, јапонската е култура во која често ги губите саканите. Според извештајот на СЗО од 2014-та година, јапонската стапка на самоубиства е 60% повисока од глобалниот просек. Дневно има меѓу 60 и 90 самоубиства. Концептот е стар со векови, колку и самураите, познати по сепуку – ритуалот на самоубиство со самопресекување со катана. И да не се самураите, ги имаме камиказите – јапонските пилоти од Втората светска војна кои исто така беа одраз на јапонската култура на единство и униформност, на ставање на групата пред поединецот.

„Мора да ја заковаш шајката што штрчи“ е јапонската максима. Па така, за тие што не можат или не сакаат да се вклопат во општеството, да се потчинат на строгите културни норми и речиси религиозна посветеност на работата, исчезнувањето е единсвениот начин да најдат слобода. Барем така мислат.

- Реклама -