Јапонската гимнастичарка Шоко Мијата го пропушти Париз поради цигари и алкохол


Капитенката на јапонската женска гимнастика, 19-годишната Шоко Мијата се повлече од тимот за Олимписките игри во Париз, откако ги прекрши правилата поврзани со пушење и алкохол, соопшти Јапонската гимнастичка асоцијација (JGA).

Мијата го напушти тренинг кампот на репрезентацијата во Монако во четвртокот, враќајќи се во Токио за истрага која ги потврдила нејзините прекршоци.

Младата девојка признала дека во текот на јуни еднаш испила алкохолен пијалок и запалила цигара откако се вратила во Токио од базата во Монако. Пушењето и пиењето се забранети во Јапонија за лица помлади од 20 години.

„Се извинуваме од дното на нашите срца за ова“, рече претседателот на JGA, Тадаши Фуџита, длабоко поклонувајќи се заедно со другите официјални лица, вклучително и тренерот на Мијата, Муцуми Харада.

Тренерот Харада изјави дека однесувањето на Мијата е непромислено, но и дека таа е под голем притисок во пресрет на Олимпијадата.

„Таа ги помина деновите навистина под голем притисок. Би ги замолил луѓето да го разберат тоа“, рече Харада бришејќи ги солзите.

Мијата е актуелен јапонски шампион. На Светското првенство во Ливерпул во 2022 година, таа освои бронза на гредата и го освои петтото место во повеќебој.

Машкиот тим на Јапонија го освои златото во гимнастика на Олимписките игри во 2016 година, додека жените последен пат освоија екипен медал во 1964 година, кога беа трети.

Уметничката гимнастика е еден од најпопуларните спортови на Летните игри и ќе се одржува од 27-ти јули до 5-ти август.

- Реклама -