Киев, 17 октомври 2022 (МИА) – Извозот жито од Украина во првите 17 дена од октомври е за само 2.4 проценти помал споредбено со истиот период минатата година, благодарение на привременото отворање на пристаништата на Црното Море, покажуваат денеска објавените податоци на ресорното Министерство за земјоделство во Киев.
Според Министерството, Украина од почетокот на октомври извезла 2.12 милиони тони жито, главно пченка и пченица, наспроти со 2.17 милиони тони извезени во истиот период минатата година.
Во сезоната што заврши во јули извезени се вкупно 10.8 милиони тони жито, од кои 3.99 милиони тони пченица, 5.88 милиони тони пченка и 896 илјади тони јачмен.
Вкупниот обем на извозот е за 34.6 отсто помал во однос на сезоната 2021/2022.
Извозот на жито опадна по почетокот на руската инвазија врз Украина поради затворањето на пристаништата на Црното Море во Украина, што ги поттикна стравувањата од недостиг во Африка и на Блискиот Исток, чии земји се меѓу главните купувачи. Кон крајот на јули пристаништата беа отворени на три месеци, благодарение на договорот меѓу Москва и Киев постигнат со посредство на Обединетите нации и на Турција.