Израелски пратеници ги повикаа европските земји да прифатат бегалци од Газа

Двајца израелски пратеници, едниот од владејачката конзервативна партија Ликуд, а другиот од опозициската централна партија Јеш Атид (Има иднина), ја повикаа меѓународната заедница да ги прифати палестинските бегалци од Појасот Газа.

Во авторски текст во Волстрит журнал, Дани Данон и Рам Бен-Барак ги повикуваат „сите земји ширум светот да прифатат ограничен број семејства од Газа кои изразиле желба да заминат“.

Тие напишаа дека европските земји долго време „им помагаат на бегалците кои бегаат од конфликти“ и сугерираат дека „ако земјите примат само по 10.000 луѓе, кризата ќе се ублажи“.

„Меѓународната заедница има морален императив и можност да покаже сочувство, да му помогне на народот во Газа да се движи кон просперитетна иднина и да работи заедно за да постигне поширок мир и стабилност на Блискиот Исток“, напишаа израелските пратеници во американскиот весник.

Израелскиот министер за финансии и лидер на  лидер на крајнодесничарската верска партија Национална унија – Ткума, Безазел Смотрич, го поддржа повикот на двајца членови на израелскиот Кнесет.

Тој изјави дека Појасот Газа не може да опстане како независен ентитет и дека за Палестинците би било подобро да заминат во други земји.

„Ја поздравувам иницијативата за доброволно иселување на Арапите од Газа во земјите ширум светот. Тоа е вистинско хуманитарно решение за жителите на Газа и целиот регион по 75 години миграција, сиромаштија и опасност“, рече Смотрич.

Египет, меѓутоа, остро реагираше на ваквите предлози. Шефот на египетската дипломатија, Самех Шукри, ги отфрли ставовите на Смотрич, оценувајќи ги наведените коментари како „израз на политиката на израелската влада која ги крши меѓународните закони“ и „дел од серијата неодговорни изјави на претставници на израелската Влада“.

„Секој обид да се оправда и поттикне раселувањето на Палестинците надвор од Појасот Газа е целосно отфрлен од Египет, како и меѓународната заедница“, рече Шукри.

Арапските лидери веќе предупредија дека секој нов обид за раселување на Палестинците би бил неприфатлив.

Извор: МИА

- Реклама -