Израелците од затвор ослободија 55 Палестинци, меѓу кои и директорот на болницата Ал-Шифа

Неименуван функционер на палестинското Министерство за здравство во Појасот Газа потврди дека Израел денеска ослободил 55 Палестинци од заробеништво, меѓу кои и Мохамед Абу Селмија, директор на главната болница Ал-Шифа во Газа, јавија американските медиуми.

Абу Селмија беше уапсен во ноември 2023 година кога израелските сили извршија рација во болницата Ал-Шифа.

Во видео изјава емитувана на палестинските медиуми по неговото ослободување, Абу Селмија ги обвини израелските власти дека ги подложуваат палестинските затвореници на „секојдневно физичко и психичко понижување“.

Израел, меѓутоа, веднаш ги отфрли таквите обвинувања.

Во меѓувреме, израелскиот министер за национална безбедност, ултрадесничарот Итмар Бен-Гвир оцени дека ослободувањето на директорот на болницата Ал-Шифа е „безбедносно невнимание“ и побара итно разрешување на шефот на службата за внатрешна безбедност Шин Бет заради ослободувањето на директорот на болницата Ал-Шифа, пренесе „Ал Џезира“.

Прочитајте и:  Амал Клуни со важна улога во одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Нетанјаху

-Дојде време премиерот да ги спречи Јоав Галант и шефот на Шин Бет да водат независна политика спротивна на позицијата на владата, рече Бен-Гвир.

- Реклама -