Израел сака да воспостави тампон зона во Газа по војната

Израел информираше неколку арапски држави дека сака да создаде тампон зона на палестинската страна на границата со Појасот Газа за да спречи идни напади, како дел од предлогот за иднината на енклавата по завршувањето на војната, јавија британските медиуми.

Ваквите свои планови Израел ги сподели со соседите Египет и Јордан, како и со Обединетите Арапски Емирати, кои ги нормализираа односите со Израел во 2020 година, јавија британските медиуми, повикувајќи се на египетски и регионални извори.

-Израел сака тампон зона меѓу Газа и Израел, од север кон југ, за да го спречи Хамас или другите милитанти да се инфилтрираат во Израел или да го нападнат, изјави висок изралески безбедносен функционер, еден од трите извори кои побараа анонимност.

Официјалниот претставник на ОАЕ изјави дека неговата земја ќе ги поддржи сите идни повоени аранжмани договорени од сите заинтересирани страни кога станува збор за постигнување стабилност и формирање на палестинска држава.

Советникот за надворешна политика на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Офир Фалк, за Ројтерс кажа дека планот е подетален и заснован на процес во три фази за „денот потоа“ на Хамас. Посочи дека трите нивоа вклучуваат уништување на Хамас, демилитаризација на Појасот Газа и дерадикализација на оваа палестинска енклава.

Прочитајте и:  Ердоган: Турција ги прекина односите со Израел, подготвена e да започне операции доколку се почувствува загрозена

-Тампон зоната може да биде дел од процесот на демилитаризација, рече Фалк.

Според три регионални извори, информирана е и Саудиска Арабија, која нема никакви врски со Израел, откако го стопира процесот на нормализација со посредство на САД по избувнувањето на војната во Газа на 7 октомври.

Информирана била и Турција, додаваат изворите.

Британските медиуми, меѓутоа, забележуваат дека изралеската иницијатива не укажува дека треба да се очекува неизбежен крај на нејзината офанзива, која продолжи и денеска, по седумдневното примирје, а Израел со тоа ја покажува својата желба да вклучи и други арапски посредници во преговорите, покрај веќе воспоставените, како Египет или Катар, додека се обидуваат да ја обликуваат повоената Газа.

Ниту една арапска држава не покажа подготвеност во иднина да го контролира или управува со појасот Газа, а повеќето остро ја осудија израелската офанзива во која загинаа повеќе од 15.000 лица и беа израмнети со земја цели делови од урбаните области на енклавата.

- Реклама -