Во Куќата на Робевци вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Антологија 4“, посветена на наивното сликарство и претставува избор од најзначајните автори на овој правец, содржани во збирката на современа уметност во Заводот и музеј во Охрид. На изложбата ќе бидат претставени дела од: Иван Генералиќ, Вангел Наумовски, Јан Књазовиц, Иван Лацковиќ и Андреј Вењарски. Куратор на изложбата е м-р Сашо Блажески.
– Современата наивна уметност во бившите југословенски простори за која еден од најистакнатите теоретичари за наивна уметност Антон Јаковски ќе ја нарече Југословенско чудо, започнува во триесеттите години од 20 век во хрватското село Хлебиње. Целта на Хлебињската школа и Иван Генералич како нејзин најистакнат претставник е да докаже дека сликарството не е привилегија само на богатите деца, ќе стане популарен облик на ликовно изразување во сите југословенски републики. Сликарска школа од селани и работници ќе се отвори и во Банатското село Копривница каде 16 наивни сликари од словачко потекло ќе го уредат селскиот Дом на култура во галерија со постојана поставка на нивното наивно сликарство. Кај југоловенските наивни сликари животот и уметноста се неразделно поврзани. Карактеристично за нив е претставувањето на сопственото животно искуство пред се“, чувството за животот и особено нагласување на грубоста на селскиот начин на живот – вели Блажески.
Јан Књазовиц е еден од најдобрите сликари на наивата, одличен познавач на бојата и композицијата. Во неговиот сликарски опус воглавно преовладуваат две фази, светла и темна. Карактеристично за овој автор е самата градба на композицијата каде секогаш доловува работна акција каде што акцентот односно главната фигура во композицијата е јасно истакната по големина, излегувајќи секогаш во преден план. Мотивите ги црпи од словачкиот фолклор и словачките обичаи.
Иван Лацкович во своите почетоци го прераскажува своето доживување на природата и животот во своето родно село Батинци. После преселувањето во Загреб 1957 година, продолжува со сликање на родокрајните пејзажи, внесувајќи одредена поетичност во композициите во кои вметнувал и настани од руралниот живот. Во почетните слики кои ги работел најчесто на стакло преовладуваат смирени зимски мотиви, додека покасно се јавуваат мотиви кои имаат симболично значење. Покрај пејзажите слика и фигурални композиции и цвеќиња.
Префинетиот цртеж и особено развиеното чувство за детали се главните карактеристики во творештвото на Андреј Вењарски. Исто како и другите наивци од селото Ковачица мотивите ги црпи од словачкиот фолклор и од начинот на кои живеат луѓето таму, ставајќи особен акцент на жанровските теми, пасење волови и коњи, опис на стари занаети каде неиземен елемент е и словачката народна носија.
Иван Генералич е еден од основачите на Хлебинската школа, меѓународно познат наивен сликар кој ја развива техниката на сликање на стакло до мајсторствои и кој силно влиае на другите Хлебински метници. Почетоците на Генералич го карактеризираат таканаречениот социјално-критички реализам. После 1945 година се осврнува кон сликање на пејзажи и мртва природа кои се карактеризираат со едноставни стилизирани форми и сигурност во цртежот а во кои особена важност е придадена на колоритот и перспективата. Главниот мотив како и на другите Хлебински наивни сликари е селото но за разлика од нив наместо изразување на социјалните емоции Генералич тргнува кон идеализација.
Вангел Наумовски е еден од најпознатите македонски сликари, меѓународно познат наивен сликар чиј стил подоцна ќе премине во фантастичен надреализам. Сликар за кој Салвадор Дали на неговата изложба во Галеријата Мона Лиза во Парис, ќе го нарече „Сликарот на бајките“. Најраниот период од неговото сликарство го карактеризираат амбиентот на познатите охридски староградски ентериери, на локалните митови и обичаи, насликани во чисто наивен манир. Во 1960 година настанува пресвртница во неговото сликарство во која Наумовски создава слободни разирани композиции во кои органските стилизирани форми имаат нагласен еротизам, а со кои Наумовски се приближува до надрелизмот, а истовремено кон нефигуративното и психоделично сликарство.