Изложба на Ване Костуранов во МКЦ СКопје

На 4-ти ноември, петок, во 20 часот, во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје ќе биде отворена 12-та самостојна изложба на струмичкиот сликар Ване Костуранов, насловена: „Скршнувања“.

Ване Костуранов е роден 1979 година. Учествувал на повеќе групни изложби, а одржал и 11 самостојни. Уште како дете повеќе сакал да се изразува со цртежи и слики, отколку со зборови.

kosturanov

ЗА СКРШНУВАЊАТА… на Ване Костуранов

„Циклусот ‘Скршнувања’ е насочен кон истражување на непознатите места, предели, светови… до кои се стигнува единствено доколку се заталка надвор од познатото, надвор од просторот заробен од одредници; што, пак, е првиот чекор во авантурата на секое патешествие: физичко, ментално, уметничко, лично…

Како и во претходните фази од уметничкото творештво на Ване Костуранов, инспирацијата за циклусот „Скршнувања“ може да се побара во неговата надсвесна потреба да се разберат, објаснат и претстават животните односи во сопственото окружје; во обидите да се пронајде смисол и ред најпрво во својот, а подоцна и во заедничкиот свет. Скршнувањето од траекторијата на извесната и мирна животна димнамика во правец кон непознатото ја тангира хармонијата на неговиот дом и семејство, кои го означуваат неговиот идеал. Тоа, од една страна, го изместува средиштето на неговиот свет внесувајќи му животен немир, од друга страна, истовремено ослободува огромно количество креативна енергија што тој ја користи да се (пре)открива и себеси и односот кон љубените кои го следат на тешкиот творечки пат.

Прочитајте и:  „Човек муза“ - едукативната изложба за можностите на вештачката интелигенција

Патиштата по кои минува(л), Ване ги претставува на својот вообичаен начин, секогаш искрен и топло наивен и со препознатлива доза на „детска невиност и моќ“ во уметничкиот израз, одраз на неговата карактеристична елементарна перцепција која ја сведува, но не ја упростува стварноста. На тематски план, негувајќи континуитет со претходните творечки циклуси, куќите, куќите-градови и куќите-градови-семејства продолжуваат да бидат средишен мотив на неговиот сликопис.

Експериментирајќи со мноштво начини на претставување на еруптивните градски агломерации и неговите доживувања во нив, исклучително се впечатливи претставите кои наликуваат како да се погледнати низ каледиоскоп. Во нив, окото на уметникот го користиме како оптичка направа која ни посредува при откривањето на структурата на мноштво (не)познати градови, претставени како множества од различни архитектонски слики што брзо се создаваат, појавуваат и (по)минуваат.

Во преносна смисла, уметничкиот каледиоскоп на Ване Костуранов може да го користиме за да погледнеме и во сопствените крстопати, каде секое мало завртување на механизмот на судбината се одразува со наше скршнување кон непознатото, упатувајќи нé на искушенијата, но истовремено и убавината на патувањето без патокази“, напиша Јован Ивановски за изложбата.

 

- Реклама -