Во галеријата на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, на 11 септември 2024, со почеток од 18:30 часот, ќе биде отворена изложбата „Циклус 19 II“ на ликовната уметница Христина Зафировска.
Изложбата е составена од сликарски дела во мал формат, насликани со акрилни бои. „Циклус 19 II“ е второ самостојно претставување на авторката во Бугарија, која на отворањето ќе се сретне со софиската публика и ќе ја запознае со своето творештво.
Циклус 19 II
Во периодот што измина но и во оној што следи, човештвото се соочува со промени во начинот на живеење предизвикани од пандемијата Ковид 19. Изолацијата, сведувањето на комуникацијата на минимум и системските промени земаа крупни моменти од животот на луѓето, а посебно на младината. Секојдневните информации поврзани со невидливиот противник допираат до нас, влијаејќи на нашето ментално здравје. Светот сеуште војува со пандемијата и се справува со последиците, а се поставува и прашањето, уште колку долго би траело ова?Академската сликарка Христина Зафировска, преку својот циклус од 19 дела на тема „Ковид“, на апстрактен и сликовит начин ни го прикажува реалното и невидливото со голо око, поттикната од промените на животниот тек, настанати од пандемијата. Целиот серијал од 19 епизоди кои се тесно поврзани меѓу себе го интерпретира биолошкиот кружен строеж на вирусот, неговото создавање, виреење, проширување и пренесување.
Креативните дела од овој циклус се изработени во акрилна техника – мал формат, симболизирајќи ја микроскопската големина на вирусот, кои се надополнети со мали парчиња кои се пробиваат низ површината. Во кружниот, квадратниот и триаголниот простор со мирни потези нанесени се глатки брановидни и испрекинати линии – патот по кој вирусот се движи, а точкастите сегменти иницираат на циркулацијата и ширењето на вирусот. Во секое дело применет е широк опсег на форми со кои авторката ги паралелизира варијациите на микросветот, а таквиот начин на изразување може да се види и во многу претходни нејзини циклуси и изложби. Кога ги гледаме имагинарните амебовидни и геометриски битиа чудесно распрснати низ просторот, се запознаваме со богатата мисла и надреална фантазија на авторката сакајќи да ни пренесе кратка анимирана приказна.
Концептот на делата е осмислен и наративен, а просторот рационално искористен. Тоа е постигнато преку взаемна синтеза на топли и ахроматски бои, конкретно компониран цртеж, со што доаѓа до израз графичкиот импулс на уметникот. Преку бојата, формата и начинот за визуелно претставување на делата го следиме уметничкиот стил на Зафировска, кој што заслужено може да се категоризира како дел од модерната апстрактна уметност.
Нејзиниот концентриран фокус покажува кон спремност за експериментирање со нови фантастични облици, кои ќе бидат пандан на фигуративната структура на вирусот кој прерасна во реална закана врз човештвото во 21 век, пишува м-р Галоска Билјана во рецензијата.
Христина Зафировска е родена во Скопје. Завршува средно уметничко училиште на отсек применето сликарство. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на смер-сликарство со графички дизајн. Магистрант е на Факултетот за Дизајн и Мултимедија во Скопје-насока графички дизајн. 2009 година станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.
Таа е една од основачите на уметничката група и уметничкиот простор „Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т.“ во Скопје, основано 2009 година; исто така е една од основачите и член на уметничката група „МОМИ“ која почнува од 2012 година со активна реализација на проекти низ земјава и Балканот. Од 2016 година има статус на самостоен уметник кој е поддржан од Министерство за култура. Реализирала повеќе индивидуални проекти, во кои се обработуваат теми како што се: зачеток на создавањето, подобрување на правата и третманот на жените во општеството и принудната изолација. Проектите се презентирани во Германија, Франција, Бугарија, Турција, Њујорк и во повеќето градови во Република Македонија. Нејзината уметничка пракса се базира на работа во различни медиуми како сликарството, графички дизајн, ѕидното сликарство, инсталација, сценографија, цртеж, фотографија и видео.Активно учествува на локални и регионални проекти, погранични соработки од областа на културата. Дел е од многубројни проекти, саеми на уметност, симпозиуми, резиденции, фестивали, работилници, групни претставувања на Балканот, низ Европа и пошироко.