Обработените податоци од 3.355, односно 95.53% од избирачките места, покажуваат дека до 17 часот на гласање излегле 665.985 гласачи, односно 38.23% од запишаните избирачи, соопшти претседателот на ДИК – Оливер Деркоски. Доколку се следи трендот, значи дека до 17 часот гласале околу 670.000 граѓани.
Со оглед на тоа што излезноста до 17 часот е само за помалку од 2% пониска од потребните 40%, извесно е дека до крајот на гласањето во 19 часот цензусот ќе биде исполнет и дека Северна Македонија вечерва ќе го добие својот нов претседател.
Меѓу општините со најголем одзив се Македонски брод 61.29%, Крива Паланка со 61%, Ранковце со 58.56%, Демир Капија со 60.28%, Неготино со 55.98%, Кавадарци со 51.23% и Росоман со 54%.
Ниска излезност има во Боговиње – 14.04 %, Врапчиште – 15.83% и Гостивар 19.59%.
Досега не се забележани нерегуларности и изборниот процес се одвива нормално, порача Дерковски.
ДИК добила два приговори, но истите се одбиени. Гласачите пријавиле дека ги немало на избирачкиот список, но утврдено е дека тоа е така бидејќи личните документи им биле со истечена важност.