Изгубив милиони по мозочниот удар, вели Шерон Стоун


Американската актерка Шерон Стоун изјави дека луѓето „ја искористиле финансиски“ додека закрепнувала од речиси фаталниот мозочен удар, објави во средата агенцијата DPA.

Во 2001 година, ѕвездата од „Ниски страсти“ доживеа мозочен удар што доведе до деветдневно мозочно крварење, поради што беше принудена да паузира седум години од ангажманите во Холивуд.

„Луѓето ме искористија во тоа време“, вели американската актерка за The Hollywood Reporter. „Имав 18 милиони долари заштеда од мојата кариера, а кога се вратив на мојата банкарска сметка, сето тоа го нема. Немав пари“.

Шеесет ишестгодишната актерка изјави дека наместо да биде огорчена за она што го доживеала по мозочниот удар, решила да се фокусира на позитивното.

„Ако го загризете семето на горчината, тоа никогаш не ве напушта. Но, доколку имате вера, дури и ако таа вера е со големина на синапово зрно, ќе преживеете. Па сега живеам од радост. Живеам со цел“, вели актерката

Стоун вели дека мозочниот удар го променил начинот на кој работи нејзиниот мозок 100 отсто.

„Мозокот не ми беше на истото место во главата како порано. Сѐ е променето. Мојот мирис, вид, сетило за допир. Неколку години не можев да читам. Многумина мислеа дека ќе умрам“, вели актерката.

Стоун претходно изјави дека лекарите мислеле дека таа „глуми“, а подоцна се покажа дека нејзината состојба е крварење од мозокот како резултат на пукната вертебрална артерија.

„Промашија со првиот ангиограм и заклучиле дека ги лажам“, изјави таа за Vogue во 2023 година.

„Мојаа најдобра пријатлка ги наговори да направат уште еден тест, а потоа откриле дека имам крварење во мозокот, субарахноидална хеморагија и дека ми прснала вертебралната артерија. Да ме пратеа дома, ќе умрев“, рече тогаш Стоун

Актерката вели дека сè уште секојдневно зема лекови. Стоун не зборуваше за нејзиното крварење во мозокот сѐ до неколку години подоцна, бидејќи стравувала од реакцијата на јавноста.

Таа сега е член на одборот на невролошката фондација Barrow во САД, која третира „тешки болести на мозокот и ‘рбетот“.

- Реклама -