Изгоре хотел во Германија кој згрижуваше Украинци, а кој неодамна бил исцртан со нацистички симболи

Берлин, 20 октомври 2022 (МИА) – Пожар ноќеска зафати хотел во гратчето Грос Штокмендорф на североистокот на Германија, во кој беа сместени бегалци од Украина. Пред неколку дена на објектот беше исцртан нацистички симбол, што отвара сомнеж дека пожарот бил подметнат.

Тино Шмит, градоначалникот на Општината Бловац под чија управа е Грос Штокмендорф, изрази незадоволство заради инцидентот, нагласувајќи дека изминатиот период немало никакви непријателски активности насочени кон бегалците од Украина.

„Шокиран сум и лут. Досега не сме имале никакви активности овде со радикална десничарска заднина“, рече тој.

Пожарот вчера вечерта почнал да се шири од предниот дел на зградата, за до изутринава објектот целосно да биде зафатен со пламен. Во хотелот вчера имало 14 бегалци од Украина кои биле благовремено евекуирани.

Прочитајте и:  Белорусија испрати дополнителни трупи на границата со Украина

Социјалните работници кои се грижат за бегалците во понеделникот пријавија дека непознати сторители исцртале кукаст крст на таблата пред влезот на објектот. Полицијата истражува можна поврзаност на тој инцидент и пожарот во хотелот.

Последните неколку седмици ширум Германија, особено во градовите во источниот дел на земјата, се одржуваат протести против бранот поскапувања со барање за промена на ставот кон војната во Украина и прекин на испораките оружје.

Дел од тие протести се насочени и против прифаќањето бегалци од Украина.

Десничарската популистичка партија Алтернатива за Германија (АфД) фигурира како коорганизатор на протестите, а во Парламентот се залага и за промена на политиката кон војната во Украина.

Од почетокот на војната во Украина во Германија пристигнаа повеќе од милион украински бегалци.

- Реклама -