Пратеникот на ДУИ од чаирското крило – Изет Меџити, се повлекува од позицијата координатор на пратеничката група на партијата. Во писмо до претседателот на Собранието – Талат Џафери, во обрразложението за ваквата одлука, Меџити како главна поента се фокусира на важноста на „различното мислење“, но и на „случувања“ во редовите на партијата кои не само што, како што вели, не им одат во прилог на Албанците, туку не му одат ниту во прилог на лидерот на партијата – Али Ахмети.
„Демократијата, секогаш не само што дозволува, туку и ја промовира и иницира дебатата, а со тоа и различното мислење, не само во општеството и во храмот на демократијата, републичкиот парламент, туку дури и во рамките на еден политички субјект.
Јас, во текот на овие 20 години активен политички живот, секогаш докажував дека сум приврзаник и бранител, без никакво двоумење во себе, на двата главни принципи на демократијата: гласот на слободната мисла и силата на гласот на мнозинството на гласачкото тело.
Различното мислење е повеќе од здраво за едно демократско општество, додека силата на гласот на мнозинство гласачи е главната одредница за концептуалноста на демократијата на сите нивоа.
Од оваа причина, стоејќи достоинствено зад овие принципи, останувајќи силно зад личните ставови, досега често изразени во јавноста, дека во политичкиот субјект на кој припаѓам од првите денови на нејзиното основање, се развиваат случувања што на никаков начин не можат да одат во прилог на најголемата политичка сила на Албанците на РСМ и што е уште поважно, ни во прилог на неприкосновениот лидер на Албанците, претседавачот г. Али Ахмети, но и заради несоздавање на забуна ниту кај еден мој колега во Собранието, а од друга страна, со намера да дадам поширок простор на мојата интенција за подостоинствена елаборација на позицијата зад која силно стојам, Ве известувам дека се повлекувам од позицијата координатор на пратеничката група на ДУИ“, пишува поранешниот градоначалник на Чаир, во писмото до Џафери.
Во него, Меџити додава дека и натаму ќе продолжи да биде заштитник на политиките и идеалите на Ахмети, како и на волјата на гласачите на ДУИ, и дека токму тие биле и остануваат да бидат негови идеали, а не личните позиции и привилегии.