Со 62 гласа „за“, 46 „против“ и без воздржани, синоќа пред полноќ во Собранието беше избрана новата Влада која ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски.
„Легитимитетот на Владата е неспорен и со зголемената поддршка на мнозинството – одржлив во следните две и пол години. Јасно и гласно потврдувам дека избори ќе има, но во 2024 година. Дотогаш ќе работиме посветено на унапредување на економијата и квалитетот на животот на граѓаните на државата“, порача новиот премиер во завршното обраќање пред изборот на новата Влада.
Тој додаде дека искрено верува оти опозицијата ќе биде конструктивна и ќе соработува во интерес на носење на најдобрите одлуки за државата и граѓаните.
Ковачевски истакна дека со работа започнуваат веднаш. Веќе на денешната седница на Владата, како што рече, ќе започнат со носење на решенија за енергетската криза. Најави и дека денеска ќе оствари средба со новата германска министерка за Европа, на која тема ќе биде забрзување на евроинтеграциите. Потсети и дека веќе во вторник ќе биде домаќин на новиот бугарски премиер Кирил Петков со кого, како што рече, сакаат да воспостават нова соработка базирана на почитување, поддршка и зачувување на македонскиот идентитет.
Веднаш потоа, истакна Ковачевски, Владата ќе продолжи со решенија за зголемување на пензиите и за поддршка на куповната моќ на граѓаните. „Ќе се посветиме“, рече тој, „на ефикасна реализација и стимулирање на домашните јавни капитални и домашните и странски приватни инвестиции“. Новиот премиер посочи и дека секој министер во својот ресор и целата влада имаат јасен и прецизен план за реализирање на поднесената програма со рокови и индикатори за следење на реализацијата и ефектите.
„Најавив и нудам партиципативност и уште еднаш ја повикувам целата опозиција за заедничка работа за клучните прашања. Нашите граѓани се обединети во барањата за подобар живот. За тоа единствено ќе работиме и бараме сите да ни се приклучите за да ја реализираме таа цел. Да престанат политичките, етничките и сите други поделби и заедно да работиме за решавање на клучните прашања“, повика Ковачевски.
Побара да се тргнат личните и теснопартиските интереси на страна, бидејќи, како што нагласи, сега повеќе од било кога мора да соработуваат во интерес на граѓаните.
Во текот на собраниската расправа во изминатите два дена, пратениците од опозицијата истакнаа дека поединечните предлог-имиња во новата Влада се доказ дека СДСМ нема избор и иднина на која треба да и се верува. Рекоа дека таа нема легитимитет и ѝ прогнозираа кусо траење, најавувајќи брзи предвремени парламентарни избори.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ – Антонио Милошоски, посочи дека Ковачевски нема изборен легитимитет, што, според него, ќе биде дополнителен хендикеп во неговата работа.
„Владата на СДСМ и ДУИ не е решение за проблемите, бидејќи по пет години се гледа дека самата Влада е генератор на нови проблеми и кризи за граѓаните. Економска криза, здравствена криза, енергетска криза, топлинска криза, инфлациска криза, криза со пожарите, никој не сноси никаква одговорност и таа неодговорност ќе продолжи понатаму“, оцени Милошоски.
Со тоа се согласи и лидерот на Алијанса за Албанците – Зијадин Села, кој наведе дека новата Влада нема легитимитет затоа што мандаторот и иден премиер нема учествувано на непосредни избори.
Според Арбр Адеми од ДУИ, пак, Села нема право да бара власт и да зборува за легитимитет затоа што, како што рече, неговата партија постојано не ја добива довербата на граѓаните и ги губи нивните гласови.
Од владејачките партии, пак, сметаат дека се реализирани сите ветувања, дека Владата успешно се справила со здравствената криза и економската што произлезе од неа. Според нив, оваа Влада има и легитимитет и кредибилитет, а го црпи од последните парламентарни избори, на кои мнозинството, како што рекоа тие, дало потврда.
Критиките од пратениците од опозицијата во однос на легитимитетот на Владата ги коментираше и пратеникот на СДСМ – Јован Митрески.
„За мене политички фолклор е кога некој го оценува политичкиот легитимитет на мандатарот Ковачевски да ја води Владата затоа што не излегол на избори. Или политички фолклор е дека победата на локални избори треба да предизвика парламентарни избори. Тоа го нема никаде во светот. Или пак, да продолжам на ист начин, бидејќи се врзуваат локалните избори со избор на влада, да прашам, па вие тоа што го зборувате, што уште седите уште во пратеничките клупи? Нека дојдат градоначалниците и советниците, нека седнат на вашите места и тие нека носат закони, тие нека избираат влада. Во светот има бројни примери каде опозицијата добива локални избори, па никаде не чувме дека некој го спорел легитимитетот на Владата и парламентарното мнозинство“, истакна Митрески.
Инаку, новиот изгласан владин кабинет ќе има еден член повеќе од претходниот, а тоа ќе биде министерот без ресор за дијаспора, место што ѝ припадна на Алтернатива.
Ковачевски ќе има четворица заменици, Артан Груби (ДУИ) – прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Славица Грковска (СДСМ) – вицепремиер за борба против коруција и криминал, Бојан Маричиќ (СДСМ) – вицепремиер за европски прашања и Фатмир Битиќи (СДСМ) – вицепремиерот за економски прашања.
За членови на Владата се избрани: Оливер Спасовски (СДСМ) – министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска (СДСМ) – министерка за одбрана, Никола Тупанчевски (предложен од СДСМ) – министер за правда, Благој Бочварски (СДСМ) – министер за транспорт и врски, Љупчо Николовски (СДСМ) – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јована Тренчевска (СДСМ) – министерка за труд и социјална политика и Бисера Костадиновска Стојчевска (СДСМ) – министерка за култура, Горан Милевски (ЛДП) – министер за локална самоуправа, Беким Сали од Алтернатива – министер за здравство, Јетон Шаќири (ДУИ) – министер за образование и наука, Бујар Османи (ДУИ) – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими (ДУИ) – министер за финансии, Крешник Бектеши (ДУИ) – министер за економија, Насер Нуредини (ДУИ) – министер за животна средина, Адмирим Алити од Алтернатива, министер за информатичко општество и администрација и Џемаил Чупи од Алтернатива – министер без ресор задолжен за дијаспората.
По нивниот избор во Собранието, премиерот и останатите членови на Владата дадоа свечени изјави. Бидејќи Славјанка Петровска и Бисера Костадиновска-Стојчевска од СДСМ беа избрани за министри во новата Влада, Собранието им го констатираше престанокот на нивниот пратенички мандат. Со оглед на тоа што тие беа избрани за пратеници од листа на кандидати, потребно е Државната изборна комисија да го извести Собранието за кандидати од овие листи на кои треба да им се верификува мандатот за пратеник согласно Изборниот законик.
На дводневната собраниска седница за избор на новата Влада, збор имаа 35 пратеници, од кои 18 од опозицијата и 17 од парламентарното мнозинство. Имаше вкупно 63 реплики.
Извор: МИА