Ивановска: Антикорупциска е немоќна околу функционерите што се збогатиле за време на мандатот

„Од досегашното искуство кое го имаме во Антикорупциската комисијата гледаме дека не секогаш оној кој се стекнува со имот, го става имотот на свое име. Тоа е најголемиот проблем што сега можеме да го истакнеме. Значи, се врши дисперзија на имотот на некои други блиски роднини во фамилијата, дури и не мора да се блиски како семејство, може да се блиски пријатели“, вели претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК, ака. Антикорупциска) – Билјана Ивановска, во интервју за „Слободен печат“.

Според неа, токму од овие причини, антикорупционерите се едногласни и ќе бараат од новиот парламент, како што вели, да смогне сили и политичка волја, за да донесе Закон за потекло на имотот на сите граѓани.

„Дури тогаш ќе имаме темелна слика за тоа каде е имотот и кој располага со имотот. Тоа може да се направи и ќе биде голем чекор напред за сите, за нашата држава“, вели Ивановска.

Во интервјуто, првиот човек на Антикорупциска посочува и дека новите пратеници од овој парламентарен состав, како и оние во заминување, ќе пополнуваат анкетни листови на стариот начин како и досега, иако веќе требаше да биде изготвен електронски софтвер и со тоа и образец, согласно новиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси, кои ќе овозможат историски да се следат промените во имотната состојба на избраните лица. Доцнењето на овој систем, вели Ивановска, е од повеќе причини, меѓу кои и повлекувањето на проектот поддржан од УСАИД.

Прашана за надлежностите на Антикорупциска околу пратениците на кои им завршил мандатот, а се збогатиле за време на „служењето на народот“, Ивановска признава дека со актуелниот закон ДКСК нема законска можност да се занимава со функционери на кои веќе им завршил мандатот. Во предлог-законот, вели, постоел предлог пратениците и функционерите да се следат и во период од две-три години по завршувањето на мандатот, но со законот, ваков каков што е изгласан, Антикорупциска „нема обврска, ниту можност било што да презема за функционерите на кои им завршил мандатот“, вели претседателката на комисијата.

Прашана зошто тогаш како и новите – и пратениците на кои им завршува мандатот пополнуваат анкетни листови, Ивановска, избегнувајќи директен одговор, најави дека ДКСК од новото Собрание ќе бара трајно решение. Целото интервју и повеќе детали прочитајте ТУКА.

 

 

- Реклама -