Иванов до Антикорупциска: Поминаа 20 месеци, каде ви се одлуките за предметите против мене?

Поранешниот претседател на државата – Ѓорге Иванов, денеска упати писмено барање до Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) за доставување на информација за состојбата, статусот на отворените предмети кои ги води ДКСК за него – предмет за потпишување укази за унапредување на генерали за време на изборен процес и предмет за зголемување на имотната состојба, за кои и покрај изминатите 20 месеци не е преземено ништо согласно законските утврдени рокови.

Ви го пренесуваме текстот на писменото барање во целост:

Госпоѓо Ивановска,

Со ова барање и официјално ви се обраќам за информација за двата погоре наведени предмети за кои речиси 20 месеци не е ништо превземено, согласно со закон утврдени рокови.

За предмет број 12-1148/5 каде се испитува потпишување на Укази за унапредување на генерали за време на изборен процес повеќе од 12 месеци нема никакво дејствие.

На 17.09.2019 година беше поднесена тужба за поништување на вашата НЕЗАКОНИТА одлука 12-1148/5 од 02.05.2019 година.

Од 05.11.2019 година кога и со решение на Вишиот Управен суд УРПЖ.бр.4/2019 беше потврдена пресудата на Управниот суд УРП.бр. 39/2019 со која пак се ПОНИШТИ одлуката на Државна комисија за спречување на корупција 12-1148/5 од 02.05.2019 година по поднесената тужба од моја страна – предметот нема никаква разрешница.

Вие предметот сеуште не го затворате иако два надлежни суда донесоа решенија со кои вашата одлука е незаконита, поради што истата е поништена, не постои.

Барам одговор зошто не е постапено согласно судското решение и зошто предметот е сеуште отворен и покрај тоа што сите рокови предвидени со Закон се пробиени.

• Дали чекате насоки за дејствување од некого, иако бевте официјално известени дека е постапено согласно надлежностите на претседателот на Република Македонија пропишани во Уставот и законите на Република Македонија?

Исто така, отворивте предмет, врз основа на добиени информации од медиум, за наводно зголемување на мојата, и на моето семејство, имотна состојба.

Поведени од вашиот личен, јавно искажан анимозитет кон мене, наместо да ја согледате реалната состојба наведена во законски рок доставениот Анкетен лист и сите пријавени промени во целиот мој десетгодишен мандат, како и доставениот Анкетен лист по завршување на мојот мандат, вие одлучивте да поведете лична медиумска кампања против мене и моето семејство од само за вас познати причини.

Наместо да постапувате согласно Законот за спречување на корупција и судир на интереси и согласно Деловникот за работа на ДКСК вашата крајна и единствена цел беше да ја нарушите мојата чест, достоинство и углед.

Јавно ве прашувам:

• Зошто и по речиси 20 месеци од завршување на мојот мандат како претседател на Република Македонија сеуште немате завршница за предметот отворен за мојата и моето семејство имотна состојба, иако навремено ви беа доставени сите информации и податоци кои лесно беа проверливи?

• Дали се точни информациите, кои ги имам неофицијално, дека релевантни институции од кои сте барале да ја испитуваат мојата имотна состојба, навремено и професионално ви ги доставиле нивните одговори?

• Дали и покрај тоа, вие не сакате да донесете одлука пробивајќи ги сите законски утврдените рокови од само за вас познати причини?

Сакам јавно да ве известам дека ополномоштен адвокат од моја страна, согласно Законот за слободен пристап до информации, ќе бара увид во сите документи од предметот за мојата имотна состојба кои вешто ги криете за да се утврди колку и како се пробиени законските рокови.

Наведеново ми дава за право да се сомневам дека ја злоупотребувате вашата функција и вие ЛИЧНО го рушите угледот на членовите на ДКСК кои професионално и одговорно ја вршат и сакаат да ја извршуваат својата функција.

Со вашата неспособност, нестручно, неодговорно и спротивно на закон и деловник работење и однесување, само нанесувате штета на професионалниот и стручен тим на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Очекувам дека на ова мое барање лично ќе ми одговорите, а не како минатиот пат, одговорот да го добијам преку партиски гласноговорник, од партиска говорница, кој неуспешно се обидуваше да ја брани вашата неспособност во вршењето на една многу одговорна функција.

Проф. д-р Ѓорге Иванов

- Реклама -