Исклучена половина од украинската енергетска мрежа, во Киев е можно целосно замрачување… падна и првиот снег

Градските власти во Киев денеска предупредија дека е можно „целосно замрачување“ на електричната мрежа во главниот град на Украина, а премиерот Денис Шмихал изјави дека речиси половината од енергетскиот систем на земјата е оневозможен во руските напади.

Во изминатите неколку недели Русија ги засили нападите врз украинските енергетски капацитети, а во силните воздушни напади во вторникот и четвртокот беше погодена енергетската инфраструктура низ целата земја.

„За жал, Русија продолжува со ракетните напади врз украинската цивилна и критична инфраструктура. Речиси половина од нашиот енергетски систем е исклучен“, рече премиерот Шмихал по состанокот со еврокомесарот за трговија, Валдис Домбровскис.

Киев е еден од најтешко погодените градови од нападите со ракети и беспилотни летала кои на моменти го прекинаа снабдувањето со електрична енергија, греење и вода и тоа во моменти кога се приближува зимата.

Инженерите брзаат да ја санираат електричната мрежа во главниот град, каде вчера падна првиот снег.

„Се подготвуваме за различни развојни сценарија, вклучувајќи го и целосното исклучување“, рече Микола Поворжник, заменик-менаџер на градската администрација во Киев.

Прочитајте и:  Русија почна контраофанзива во Курскиот регион

Синоќа украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека повеќе од 10 милиони Украинци се без струја, особено во регионот на Киев, во моменти кога земјата се соочи со првите снежни врнежи и температурите можат да паднат и до, како што рече, -10 степени Целзиусови.

Националниот оператор за електрична енергија Укренерго најави продолжување на недостигот на струја поради „влошување на ситуацијата“.

„Поради ненадејниот студ, потрошувачката на електрична енергија се зголеми во регионите на Украина, што дополнително ја искомплицира и онака тешката ситуација во електроенергетскиот систем, а тоа доведе до пошироки ограничувања во потрошувачката на електрична енергија низ целата земја“, соопшти компанијата.

Украинските власти и надлежните не коментираат што ќе се случи доколку електричната мрежа целосно се исклучи, но властите остануваат на ставот дека не размислуваат за евакуација на градовите.

Извор: МИА

- Реклама -