Иран ќе го блокира интернетот во целата земја

Додека претседателот на Иран, Махмуд Ахмадинеџад, е во Њујрок неговите слуги ги изолираат жителите на Иран од интернетот. Нивната логика? „Можеме да бидеме нападнати од ционистички вируси.“

Во неделата иранската државна телевизија најави дека Google и Gmail ќе бидат блокирани. Банот е на неодредено време. Во меѓувреме владин заменик министер најави дека сите жители ќе бидат префрлени на „домашна интернет мрежа“. Иако Иран во минатото има блокирано сајтови кои се косат со нивните доктрини, ова е прв случај на целосно блокирање на интернетот.

Овој пат тие планираат целосно откачување од мрежата и создавање на мрежа која ќе биде контролирана од владата. Луѓето веќе нема да можат да користат виртуелни приватни мрежи за избегнување на владината цензура и слободен пристап до информации. Заменик министерот за комуникации и технологија Али Хаким-Џавади вели дека операцијата е веќе започната: „Во последниве неколку денови сите владини канцеларии се поврзани со националната мрежа.“

Прочитајте и:  Google ќе мора да го продава Chrome

Официјално, секој Иранец ќе биде сместен во овој информативен кафез најдоцна до март 2013 година но сè уште не е најавено кога ќе биде „исклучен“ интернетот во целата држава. Според владата овој потег е поради две причини:

Прво, „контролата врз интернетот не треба да биде контролиран од една или две земји“ (што е чисто лицемерие со оглед на тоа што ги форсираат луѓето на мрежа која тие ја контролираат).

Втората причина е „компјутерски напади од надворешни сили“. Според Министерот за комуникации и технологија Реза Такипур не може да му се верува на интернетот „особено за важни прашања и за време на кризи“. „Важни прашања“ како отстранувањето на „Персиски Залив“ од Google Maps, или „кризи“ како вирусите во нивните нуклеарни централи. [Iran readies domestic Internet system, blocks Google]

- Реклама -