Долго време се шпекулираше дека Apple конечно ќе пласира на пазарот евтин iPhone кој ќе може да си го дозволи секој иако на неколку пати предупредивме дека тоа не е нивна политика и нема можност да се случи. Apple дозволи да се прошират шпекулациите и во ниту еден момент не ја кажа целосната вистина, но затоа изгради генијална маркетинг тактика.
Во што е штосот, Apple ќе го продава iPhone 5C по цена од 99 долари но, со двегодишен договор во САД, додека неговата цена без договор и надвор од Америка сигурно ќе изнесува околу 500-600 долари што е сосема вообичаено, барем така тврдат последните извештаи.
iPhone 5 ќе биде повлечен од продажба и заменет со iPhone 5C, кој е всушност идентичен смартфон, но изработен од пластика и со пет бои на маската. Купувачите ќе помислат дека купуваат нов модел, кој е и поевтин, но всушност го купуваат истиот модел но, во различна боја. Тоа значи дека Apple има уште поголем процент на заработка, бидејќи деловите за iPhone 5 со тек на времето се поевтини, а исто така заштедуваат и на поликарбонатот кој е многу поевтин од алуминиумот.
Apple наместо да ја искористи таа можност со заштедените средства за производство и да ги насочи кон пониска цена на смартфонот кој би бил подостапен за повеќе купувачи, ќе ја искористи за поголема заработка со високо поставената цена на телефонот без склучен договор.
Можеби волкот го менува крзното но, никогаш карактерот, па така и овој пат Apple докажува дека не е заинтересиран за средната и ниската класа, од проста причина, затоа што овие луѓе не трошат пари на непотребни апликации од App Store каде всушност е најголемиот извор на профит за Apple.
Но, оваа политика нема вечно да му носи огромни профити на Apple, бидејќи пазарот е променет од пред пет години, во игра се многу поквалитетни конкуренти како Samsung, Google, Nokia и други кои нудат евтини телефони со речиси идентични перформанси и голем избор на бесплатни апликации и содржини, а главен приоритет секако им се купувачите, од сите категории, а не само високата класа.
Затоа Apple ќе биде соочен со се поголем пад на акциите, бидејќи инвеститорите се надеваа на влез на пазарите во развој, како Кина, Индија и Јужна Америка, кои се преплавни со евтините Android смартфони, па така iPhone 5C со цена од 500-600 долари нема никаква можност за успех.
Останува можноста Apple да ја воочи реалноста и да склучи договори со операторите во повеќе земји каде iPhone 5C ќе се продава по пониска цена од планираната, барем до прифатливата граница од 300-400 долари.
Текстот е објавен во соработка со telefoni.com.mk