Инвеститорот што одбива да плаќа за кафе

Кевин О’Лири има инвестирано стотици илјади долари во мали бизниси за време на своето учество во популарното американско шоу на ABC – „Shark Tank“. Но има една работа за која О’Лири вели дека никогаш нема да даде пари – на кафиња по кафулињата.

„Да плаќам 2.50 долари за кафе? Никогаш“, вели за CNBC. „Тоа е сериозно губење пари за нешто што реално вреди 20 центи. Никогаш не купувам фрапе-лате-бла-бла за 2.50 долари“.

Наместо тоа, О’Лири си прави кафе дома. Пие по една шолја секое утро. Го чини 18 центи кога го прави сам, а останатите пари ги инвестира.

Токму таа идеја – штедење на мали суми и континуирано инвестирање, е во основата на советите на О’Лири околу личните финансии. „Вистината е дека има многу ѓубре од кое немате потреба. Тоа што научив да го правам, а кое ми помогна да ги зголемам личните инвестиции, е што секогаш кога нешто ќе земам во рака и се канам да го купам, си го поставувам прашањето: Имам ли вистинска потреба од ова?“, објаснува инвеститорот.  „Зашто, ако не го купам, парите ќе бидат инвестирани и секоја година ќе ми прават уште пари“.

Од неарчење на кафе, меѓу другото.

Како што спомнавме, тој ги советува и „обичните“ луѓе да го прават истото. Без оглед колкав ви е приходот, тој тврди дека треба да земете по 10% од истиот на секои две седмици, и тие пари да ги инвестирате.

„Луѓето велат дека не можат тоа да си го дозволат. ‘Едвај си ја плаќам киријата!’ – велат. Тоа не е вистина, зашто секој ден си купувате ѓубре од кое немате потреба“.

За кафиња по кафулиња за О’Лири едноставно нема место. „Си купувам добри ствари, од кои имам потреба. Останатите пари ги инвестирам, и тоа делува. Пробајте и вие некогаш“, порачува.

- Реклама -