Откако во јавност се пласираа информации од страна на мал дел сопственици на станови и куќи во комплексот “Свети Јован” во Злокуќани во кои тие изразуваат незадоволство, инвеститорот на комплексот Благоја Николовски прати официјално соопштение во кое ги приложи своите изјави за самоодбрана и ги истакна проблемите и вистинската ситуација.
Имено, Николовски ни јави дека за целиот случај постои правосилна пресуда од апелациониот суд во Скопје и имотни листови кои покажуваат дека незадоволните станари се сопственици само на своите станови и куќи, а не и на земјиштето, заедничкиот простор и инсталациите во комплексот.
Тој смета дека е неправилно што мал дел на незадоволни станари зборуваат во името на сите станари, и заедно со нивниот правен застапник, одлучиле да вршат притисок врз судовите преку ширење на невистини во јавноста, и покрај тоа што очигледно законот не е на нивната страна.
Во првите осум години од постоењето на комплексот немало никакви проблеми, но кога станарите се смениле и на нивното место се вселиле нови, се обиделе да воспостават, спротивно на законот, паралелен менаџмент со имотот на комплексот и со неговото одржување, иако тие не се негови законски сопственици. Станарите престанале да ги плаќаат реалните режиски трошоци за одржувањето на имотот.
Сопственикот тврди дека реалниот долг на 16-те станари за користење на инсталациите на комплексот, како што се паркиралиште, базен, игралишта, паркови и слично, во изминатите година и половина, достигнале вредност од 1,5 милиони денари. Инвеститорот е подготвен да ги објави нивните имиња и вкупниот долг на секој од нив.
“И покрај ваквото своеволно однесување на овие станари, кое е спротивно на позитивните законски прописи и нивниот огромен долг за неплатени трошоци за одржување на комплексот што е на штета на останатите станари кои редовно ги исполнуваат своите обврски, нивните станарски права и пристапот кон нивните станови никогаш не биле ограничени. Напротив, во неколку наврати досега, од моја страна им беше нудено да се најде начин за спогодбено решавање на недоразбирањето преку потпишување на договор со кој ќе се регулираат меѓусебните обврски за користење на целокупниот имот во комплексот без никаква добивка на страната на инвеститорот, кои тие го одбиваа без образложение.
Во ваква ситуација, јас како инвеститор и сопственик на земјиштето, објектите и инсталациите во комплексот, сум приморан да ги преземам сите законски мерки за да го заштитам мојот имот, вклучувајќи го и јавното објавување на нивните досегашни долгови, притоа водејќи целосна сметка за првата на сопствениците и станарите кои редовно си ги плаќаат своите обврски, согласно договорите и имаат право да ги користат сите благодети што ги нуди комплексот ’Свети Јован’” – изјави инвеститорот на комплексот “Свети Јован”, Благоја Николовски.