New Generation Parkour е мал клуб од Скопје, збир на ентузијасти кои сакаат да го развијат овој урбан спорт и во нашата земја. Енергијата што ја вложуваат во тренинзите и начинот на којшто му пристапуваат на секој елемент е нешто што заслужува само пофалби.
Што е паркур и зошто се одлучивте токму за овој спорт?
Паркур е екстремен спорт, создаден во Франција од Давид Бел. Во прво време тоа била дисциплина за вежбање на француските војници, но Бел, кој потекнува од воено семејство ги искористил елементите за да создаде спорт. Филозофијата на овој спорт е да се стигне од точка А до точка Б по колку што е можно поправа линија, притоа преминувајќи ги сите пречки што стојат пред вас, колку што е можно побрзо. Многумина го нарекуваат екстремен спорт, но за нас ова е и начин на живот, животна филозофија. Каде и да одиме, штом ќе здогледаме објект, дрво, каква било пречка, веќе размислуваме за преминување со некој елемент. Она што нè привлече кон овој спорт е потребата од адреналин или подобро речено, зависноста од него.
Што е неопходно за паркур?
Паркур е урбан спорт и не бара некоја посебна опрема, доволно е да имате патики и тренерки. Она што е најпотребно е умствената подготвеност. Иако најголем дел од луѓето мислат дека поважна е физичката подготвеност, доколку му дозволите на стравот да завладее со вас, тогаш нема да успеете. Исто така, многу е важно да имате волја и посветеност. Треба да сте подготвени да дадете сè од себе и никогаш да не се откажете, без разлика кој што ќе ви каже.
Како настана вашата група?
Ние сме New Generation Parkour, група што настана од повеќе групи што постоеја на почетокот. Се оформивме во 2009 година, а во моментов имаме 7 члена. Отворени сме за соработка со секого, значи секој вљубеник во овој спорт може да ни се придружи во тренинзите. Сегашните членови се на возраст од 15-16 години, но годините никогаш не се пречка за паркур, секгоаш може да се почне и на постара возраст.
Колку се важни тренинзите и каде тренирате?
Можеби не е толку важно тренинзите да бидат чести и бројни, колку што е важно да бидат квалитетни. Меѓу најважните нешта е да имате поддршка од тимот. Ако немате некој што ќе застане зад вас и ќе ви помогне ако не можете да изведете нешто, тогаш никогаш нема да напредувате. Многу е важно да имате доверба во сите тимски другари. И баш затоа што сите сме другари, тренинзите ни почнуваат со средба, по што почнуваме активност според моменталната инспирација. Најчесто тренираме во Градскиот парк, кај Машински факултет, кај салата „Борис Трајковски“, стариот дел од паркот, Порта Влае, итн.
Како се инспирирате?
Првичната инспирација ја најдовме во филмовите со паркур. Први филмови што ги гледавме со оваа тематика беа: „Јамакаши“ и „Б-13“. А, откако ќе станете зависни од нешто, потоа барате примери и инспирација во видеа на Јутуб, во други филмови, на веб-страници посветени на спортот… Најголемата инспирација доаѓа од имагинацијата, потребно е само да се сака спортот.
{vimeo}24102092{/vimeo}
Каде ја гледате иднината?
Иако паркур не е натпреварувачки, туку спорт за лична надградба, ние се занимаваме и со Freerunning (слободно трчање) што е многу популарен спорт, со натпревари насекаде низ светот, во коишто се оценува тежината на елементите и непрекинатиот тек на елементите. Кај нас, за жал, нема натпреварувања, но затоа се собираме со другите паркур групи, барем еднаш годишно.
Повреди?
Многумина нè предупредуваат дека ова е опасна активност и дека на овој начин ризикуваме да се повредиме. Во суштина, преку овој спорт се учите и да паѓате правилно, па така се минимизира ризикот од повреди. До сега, никој не се соочил со повреда посериозна од гребаница или мала модринка.
Ваша порака за крај?
Ние би сакале во Скопје да се изгради еден паркур парк, што е минимална инвестиција, затоа што се потребни неколку ѕидови и шипки, а таму ќе можат да тренираат многу луѓе. Но, дури и ако сите продолжат да нè игнорираат, ние ќе продолжиме со оваа урбана дисциплина и никогаш нема да се предадеме. Кога еднаш ќе се вљубите во некоја филозофија, нема враќање назад.