Нема да има потреба да се сетите да ги исклучите светилките ако овој систем за осветлување развиен во Холандија е успешен. Делфт Универзитетот за Технологија (TU Delft) во моментов тестира интелигентен систем за улично осветлување на сопствениот кампус. Системот користи до 90 проценти помалку елетрична енергија од сегашните системи, и е поевтин за одржување.
Системот е составен од улични светилки со LED осветлување, сензори за движење и безжична комуникација. Од универзитетот велат дека кога во близината нема автомобили, велосипеди или пешаци, системот го намалува интензитетот на светлината, со што заштедува вредна енергија кога нема потреба од светлото. Системот бил развиен од Чинтан Шан, дипломец по Менаџмент на Технологија од TU Delft.
Холандија користи над 300 милиони евра секоја година само за електрична енергија за улично осветлување, а мрежата на улични светилки исто така испушта и над 1,6 милиони тони јаглерод диоксид годишно. Кај системот создаден од Шан, сите околни светилки се засилуваат ако некој се приближи до нив, но светилките никогаш не се гаснат целосно. Наместо целосно гаснење, тие го намалуваат интензитетот на светлина на околу 20 проценти од стандардната моќност.
Работниците кои го одржуваат системот исто така нема да мора да трагаат по дефекти, сите светилки во системот безжично го известуваат контролниот центар за секој дефект. Целта на овој пилот проект на кампусот на TU Delft е целосно тестирање и подесување на системот. Ако тестот е успешен голем број земји би имале корист од овој систем. [New system of ‘intelligent lights’ could save valuable energy]