Ричард Тарнер е еден од најдобрите илузионисти со карти во светот. Никогаш не губи и можете да бидете сигурни дека нема да успеете да видите како ќе ве измами. Но, не може ни тој. Тарнер е комплетно слеп, што го прави уште поспецијален.
Се нарекува себе си „механичар за карти“, а кон тоа се стремел уште од 7-годишна возраст. „Механичар е некој што го контролира резултатот во играта со карти. Тој никогаш не губи во карти. Дури ни кога некој друг ги меша“, објаснува тој. Тарнер сето тоа го постигнал исклучиво со тренинг. На оваа вештина посветил дури една третина од животот – со години наназад, тој вежба по 10 до 20 часа на ден, 7 дена во неделата. Тоа го прави дури и кога е во црква, се додека жена му не го подбуцне да престане.
Ричард немал лесен живот. Започнал да го губи видот на возраст од 9 години, што пак им дало можност на школските насилници редовно да го задеваат и тепаат. Подоцна во животот имал проблеми со зависност од дрога и алкохол, кои успешно ги пребродил. Сепак, ништо од ова не застанало на патот кон неговата пасија.
„Никогаш не забушавам кога се работи за картите. Секогаш и во секој момент вежбам потези. Еден ист потег го повторувам околу 60 милиони пати“, вели Ричард, реферирајќи на потегот познат како „Turner Sweep Second“. Ќе мора да го погледнете видеото за да го разберете:
Тајната е во неговата извонредна сензитивност на допир, која ја развил како последица на губењето на видот. „Овие потези бараат екстремно деликатен допир, ако згрешите за дебелината на само една карта, се ќе пропадне“. Според него, загубата на видот му помогнала во она што го прави, дозволувајќи му да гледа со „окото на умот“.
„Нема друг како Тарнер“, вели директорот на Американската Карташка Компанија. „Тој ни покажа работи што не можевме да ги добиеме од никој друг“. Во знак на почит и благодарност, компанијата му подарила животна заштеда на карти за играње – преку 6000 шпилови, кои Ричард ги чува дома, на дофат на раката. Покрај тоа, најсилниот доказ за неговата опсесија е што неговиот син се вика Ace of Spades, буквално.
Денес, Ричард ја користи својата вештина исклучиво за да ја забавува публиката, во чии редови седнале и Џими Стјуарт, Мохамед Али и Колин Пауел. Ричард доби и мала споредна улога во филмот Tree of Life, со Бред Пит, а во моментов се снима и документарец за неговиот живот. Сепак, вниманието не му пречи. „Можат да ме снимаат колку сакаат. Не ми е гајле, никој друг не може да го направи тоа што јас го правам“.
Ако уште не сте импресионирани, Ричард има и црн појас во карате, а и редовно вежба во теретана. Сепак, картите се неговата прва и последна љубов. Неговата животна филозофија е едноставна – „Што и да ви поделат, не дозволувајте некој да ви каже дека не можете да играте, или дека не е возможно“, вели Тарнер, алудирајќи на животот.