Групата за граѓански активизам за помош на поплавените, формирана на „Фејсбук“, испрати и иницијатива до сите ланци на супермаркети во земјава, за да учествуваат во помошта за настраданите од поплавата.
Во текстот стои вака:
„Почитувани,
Ви се обраќаме како администратори и модератори на групата Humanitarna pomos za poplavenite semejstva vo Skopje, којашто во моментов е единствена толку масовна група на активисти коишто се подготвени и сакаат да помогнат во помош на настраданите луѓе и подрачја.
Ви се обраќаме со иницијатива како големи маркети да помогнете во реализација на конкретна активност, којашто ќе биде од големо значење за активностите:
Имајќи предвид дека голем број лица коишто сакаат да донираат, не се во можност купени продукти коишто се неопходни да ги однесат до собирните пунктови, да овозможите во секој од вашите маркети да има собирен пункт на продукти коишто ќе бидат купени кај вас.
Поедноставно, да овозможите лица да купуваат продукти коишто сакаат да ги донираат, да ги остават во вашиот маркет, на место одредено за тоа, и тоа одделно водата, а одделно другите продукти поделени во групи/кутии: конзервирана храна и средства за хигиена.
Штом ќе има доволна количина за преземање, просторот во вашиот маркет веднаш ќе ви биде ослободен од наши волонтери коишто ќе дојдат и со свое возило ќе ги подигнат продуктите, и ќе ги транспортираат онаму каде што е потребно. Со ова би дале бескрајно голем придонес за вистинска помош на настраданите.
Доколку сте согласни, имајќи предвид дека секој од вас има и свои возила, транспротот може да биде извршен и од ваша страна, со што дополнително би помогнале во експедитивноста со којашто се вршат активностите.
Доколку на вашиот маркет му е потребна и логистика при самото прибирање на продуктите коишто ќе бидат кај вас за да бидат донирани од граѓани, можете да се обратите и од нашата група да се јави волонтер којшто ќе дојде во маркетот за успешна реализација на активноста.
Се надеваме дека ќе ја прифатите оваа иницијатива, особено бидејќи од вас не се бара многу, туку само малку човечност…“.