Индиска администрација

Неодамна на индиските социјални мрежи се појави видео од четворица канцелариски работници во администрација во владина зграда во Бихар, Индија. На видеото, работниците носат кациги. А имаат и добра причина. И не, не е дека играат видео игри со мото-трки.

Се работи за стара зграда која полека се претвора во руина и е предоцна да биде реновирана. Откако видеото стана вирално и индиските медиуми спроведоа свои истраги, се покажа дека зградата е оценета како опасна и неупотреблива од инспекторите за безбедност на работно место уште пред две години. Очигледно, сепак, индиските власти не преземале ништо за да се преместат административците на побезбедна локација.

Во меѓувреме, како последица од дождовите, ситуацијата е влошена. Целата зграда протекува, заканувајќи ѝ се на канцелариската опрема, ама и документите што се чувани таму. Сепак, ако беше проблем само дождот, вработениве на сликава ќе носеа чадори. Носат кациги затоа што веќе некое време им паѓа малтер од таванот врз главите. Многумина досега имаат завршено со повреди. Кај и да е очекуваат да падне и целиот таван.

Откако видеото стана вирално, локалните власти соопштија дека канцелариите ќе бидат преместени што е можно поскоро, ама процесот се одложи. Официјалното владино лице, пак, ќе треба да излезе пред суд и да објасни зошто канцелариите не биле преместени порано. Друштво ќе му прават и четворицата административци со кациги на видеото. Тие ќе треба да објаснат зошто проблемот го „протекле“ до медиумите, наместо да биде решен интерно. Само што, како што тврдат самите тие, во изминативе години имаат пратено еден куп писмени поплаки до претпоставените и надлежните, без резултат.

 

- Реклама -