На Твитер пред неколку дена е објавена фотографија која привлече многу поголемо внимание отколку што би се очекувало. Причината е објаснувањето:
„Астигматизам е кога корнеата (рожницата) е благо закривена наместо целосно округла. Со астигматизам, светлото се фокусира на неколку точки на ретината, наместо на една. Вака светот го гледаат луѓето со астигматизам (лево) во споредба со луѓето без“.
(попрецизно објаснување ќе најдете подоле)
Судејќи по коментарите, многумина токму преку овој твит откриваат дека имаат астигматизам. Ќе прочитате многумина што цел живот мислеле дека сите луѓе ги гледаат светлата како на левата слика.
„ОМГ, цел мој живот и вид се лага!“, „ВТФ? Поради ова некогаш не можам да возам ноќе!“, „Појма немав, мислев дека светлата едноставно така изгледаат!“, „По ѓaволитe, мислев дека сите ги гледаат овие линии“, се само дел од коментарите на луѓето кога сфатиле дека имаат астигматизам.
А не се малку. Астигматизам е честа состојба кај луѓето која предизвикува поматување на видот. Се јавува кога рожницата (проѕирната покривка на окото) има неправилна форма, а некогаш и поради закривеност на леќата во внатрешноста на окото. Нерегуларната форма на рожницата или леќата попречува светлината соодветно да се фокусира на ретината – која е задната површина на окото сензитивна на светлина. Како резултат, видот е матен на било која дистанца. Тоа може да доведе до оптоварување на окото и главоболки.
Како што рековме, луѓето со астигматизам не се малку. Благ астигматизам имаат повеќето од луѓето. Сепак, благата форма обично не влијае на видот и не е потребен третман.
Од друга страна, астигматизмот често се јавува во пакет со други нарушувања на видот, како миопија (кратковидост) и хиперопија (далекувидост). Заедно овие нарушувања се нарекуваат „рефрактивни грешки“, бидејќи афектираат како окото ја прекршува (т.е. рефрактира) светлината.
Конкретната причина за астигматизам е непозната. Може да е наследен и обично е присутен од раѓање. Со тек на време може да се намали или засили.
Ако сметате дека имате форма на астигматизам која во помала или поголема мера ви го попречува нормалното функционирање, посетете и консултирајте се со оптометрист. Детален оптометриски преглед вклучува и тест за астигматизам. Ако се покаже неопходно, вашиот оптометрист може да ви обезбеди очила или контактни леќи кои ќе го корегираат астигматизмот, преку промена на патот преку кој светлината влегува во окото.