Ги знаете оние машините со кука, полни со плишани играчки, нели? Ги обожававте додека бевте дете во 90-тите, а и денес им се радуваат децата кога ќе наидат на таква. Туку, ви успеало некогаш да фатите некое од мечињата? Имаме добра и лоша вест: добрата е што не е до вас; лошата е што играта е наместена…
Сите залудно потрошени жетони не се ваша вина. Еден не многу дамнешен „експеримент“ покажа дека механизмот на овие машини т.е. фатот на куката, може да биде манипулиран за да закачи играчка само во одреден број случаи.
Со други зборови, самиот сопственик на машината, по своја желба, одредува колкави ќе бидат шансите некој да добие играчка. На пример, ако ја подеси куката да фаќа играчка во само 10% од обидите, токму тоа и ќе се случи. Така, вашите шанси не зависат од вашата среќа или уште помалку вештина, туку од широкоградоста (или недостатокот од неа) на сопственикот.
Згора на тоа, програмирањето на машината не е некаков си хакерски подвиг – самата машина има мени за да ви ја олесни работата. Изгледа отприлика вака:
Зачнати во САД во 1950-те, „claw (канџа) машините“ добија огромна популарност и станаа омилено разочарување за наивните деца (и постари) ширум светот. Денес, за секој со неколку неуспешни обиди, машината е симбол на неуспех и фрустрација.
Ама Господ гледа!
Чен Житонг е само обичен момак со необичен скриен талент – да ги одмазди сите ваши неуспеси и фрустрации на ова поле. Својата супер-моќ ја откри минатата година, а оттогаш тој е господарот на машините со плишани играчки.
Чен има освоено луди 3000 играчки за само шест месеци, правејќи го неприкосновен рекордер во оваа дисциплина и закана за сопствениците на таквите машини, кои всушност често знаат да го поканат и на вечера и да го убедуваат да престане да игра (ццц, со кое лице бе…). Другите експерти во полето не му се ни близу – еден таков се прослави на интернет со колекција што не е ни десетина од оваа на Житонг.
„Прв пат играв лани, во Јули. Ја видов машината на влезот на еден супермаркет (во трговскиот Џиангху). Не размислував премногу за тоа, беше само начин да изгубам време“. Играл, му се допаднало, па оттогаш играл секогаш кога ќе го посетел трговскиот. За само еден месец станал толку добар што минувачите се собирале околу него за да го гледаат како игра. Не му требаше премногу долго по откривањето на талентот за да го направи невозможното – да испразни цела машина. Сега куќата му е преполна со играчките кои ги освоил – над 3000, сместени на креветот, на каучот, на подот, на масите, па и во кујната.
Сега кога ги има сите стандардни играчки, Чен е попребирлив за тоа кога да игра. „Не сум толку заинтересиран за играчките, повеќе за процесот на нивно освојување, многу е возбудливо. Трикот е во опсервацијата – ако можеш да одредиш колку се тресе куката, ќе можеш да ја процениш силата на фатот. Ако фатот е лош, се разбира дека не можеш да освоиш играчки со него“.
Така, во зависност од проценката, Чен решава дали ќе игра или не. Никогаш не претерува и не троши премногу пари. „Си задавам лимит“, објаснува. „Знам дека една играчка чини околу 10 јуани, па не одам преку 5 јуани кога играм. Ако не можам да ја освојам, никому ништо“. Рекорд во еден обид му се 100 играчки.
…Ете, одмаздени се сите наши страдања. Следен пат ќе можете да изгубите на раат, смешкајќи се на помислата дека таму негде во Кина има типче што ќе им ја расплаче мајката во ваше име.