Има произволни и тенденциозни толкувања на фактографските податоци по препораките, оценува македонскиот тим од Историската комисија

Mакедонскиот тим во билатералната Комисија за историски и образовни прашања денеска преку соопштение посочи дека „чувствува потреба уште еднаш да се обрати до јавноста и да укаже на неколкуте писанија и собирања потписи во јавноста со кои продолжи ширењето невистини за работата на Комисијата во однос на неодамна објавените резултати од нејзината работа во 2018 и 2019 година“.

Според македонскиот дел од Историската комисија, во последниот бран реакции повторно се даваат целосно произволни и тенденциозни толкувања на фактографските податоци што се нотирани во текстовите за заедничко чествување. Притоа, се додава, паралелно со овие невистини се врши дехуманизација и се прогласуваат предавници. Историјата е претставена како ексклузивен домен на оние кои себеси се претставуваат како единствени толкувачи на вистината. Најпроблематичен дел од таканаречениот проглас на стотината колеги, се посочува во соопштението, е тезата дека „Македонската историја претставува суверен интерес на Република Македонија, како што историјата на Бугарија е примарен интерес на бугарската држава, па треба да го задржи правото на сопствено научно и официјално толкување“.

„Ова, всушност, кажува многу за разбирањето на улогата на историјата како и мотивите за реакцијата на оваа група колеги. Според ова разбирање, толкувањето е суверен интерес на државата, а не на научната заедница и научниците кои треба да творат според суверениот интерес на државата. Со кое право се пласираат обвинувања дека се работи под политички диктат, кога самите тие колеги бараат ‘научно и официјално толкување’ на историјата да биде суверен интерес на државата што во превод значи политички диктат?!“, наведуваат од тимот македонски историчари.

Воедно, тие прашуваат дали други историчари и научници во други дисциплини надвор од државата не смеат да ја истражуваат македонската историја, а постојат такви научници кои често ги цитираме кога тоа ни одговара, потоа, зошто постои страв дека препораките за заедничко чествување ќе бидат новиот историски наратив за Македонија, каде тоа се сугерира, на кој начин мислат колегите дека тоа ќе се случи и дали некој од нив од 2019 јуни месец кога се усвоени овие препораки, добил упатство да пишува спротивно на своите убедувања.

„Отфрлањето на препораките, па дури и со индигнација, е сечие право и овие препораки нема да бидат задолжителни за секого. Ние веруваме дека науката и историјата треба да бидат во функција на мирот и помирувањето и не мислиме дека државите треба да им кажуваат на научниците како да го толкуваат минатото. Препораките се само презентирање на основни историски податоци за личности кои Македонија и Бугарија би можеле заеднички да ги чествуваат со цел да се подобрат билатералните односи или да ги подобрат своите учебници по историја“, нагласуваат од Комисијата.

При тоа уште еднаш напоменуваат дека препораките за заедничко чествување не се наменети за образовниот систем. Во една од колумните се вели дека во иднина ќе се изучува „софиска верзија на историската приказна за христијанизирањето и за описменувањето на Словените во раниот среден век“, иако овие препораки не го кажуваат тоа што се тврди и не се однесуваат на образовниот систем. Едноставно, се додава во реакцијата, Комисијата нема донесено препораки за учебниците, а кои се однесуваат на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент и Св. Наум. Секое понатамошно инсистирање на оваа невистина ќе значи дека свесно и со лоши намери се држи јавноста во заблуда.

Новина во реакциите, како што стои во соопштението, е и обвинувањето за „бугароцентричност“. Овој термин би подразбирал дека целиот текст се однесува на бугарското национално толкување на минатото, поточно според бугарскиот доминантен наратив. Спомнувањето на основните историски факти дека овие лица биле примени од страна на кнез Борис и твореле во средновековната бугарска држава не е и не може да претставува „бугароцентричност“. „Бугароцентричност“ би било кога за овие личности би се дала само бугарската етно-национална верзија на историјата во која овие личности се толкуваат како етнички Бугари, а карактерот на нивното дело како бугарско, а не сесловенско. Дали спомнувањето на Св. Кирил и Методиј дека ги ставиле основите на христијанството и словенската писменост е „бугароцентричност“ или дека култот на Св. Наум се раширил и во соседните држави и кај муслиманите?

Што се однесува до новите обиди да се укаже на штетноста на препораките, повторно, според членовите на Комисијата, читаме празни формулации.

„Една од нив е повторното тврдење дека се изедначуваат Охридската и Преславската школа со што се губел македонскиот идентитет. Тоа никаде и на никаков начин не се кажува во препораките. Двете школи се споменуваат во контекст на нивното основање во конкретен временски период и простор, но ниту еден дел од речениците каде што се споменуваат не сугерира на изедначување на нивните карактеристики, освен ако не сакате да го толкувате на тој начин за да може да се манипулира јавноста“, се вели во реакцијата.

Во однос на препораките за учебниците по историја што се однесуваат на античкиот период, оценува тимот од Комисијата, повторно се прави манипулација и се толкуваат само оние кои се однесуваат за македонските учебници и со тоа се креира атмосфера на национална катастрофа.

„На пример, во една од реакциите се вели ‘…Не може за едната територија и држава да инсистирате дека постои историска поврзаност (континуитет) со антиката, а за другата обратно, да барате да се избрише секоја трага од антиката (а траги имало и ќе има уште многу)’. Се мисли на препораките во учебниците по историја во двете држави да има повеќе простор за културно-историското наследство на другите антички народи и култури. Во македонските учебници за Тракијците, а во бугарските учебници за оние западно од Бугарија, а тоа се Илири, Пајонци и други. Античките Македонци не се споменати бидејќи тие се веќе дел од бугарските учебници. Каде тука се инсистира на историска поврзаност (континуитет) за Тракијците, а за Македонците не. Ова значи дека свесно се додаваат содржини кои ги нема во препораките и кои само откриваат дека оние кои критикуваат најгласно не се оддалечиле од етноцентричниот поглед за минатото, веруваат во политички митови за минатото и во еден тип на методолошки национализам кој треба да е надминат. Современите нации се општествени конструкти и национализмот е феномен на 19 и 20 век и за двата образовни системи се препорачува да се избегнува национализирање на антиката. Нели се ова многу јасни примери на свесно делување со цел да се доведе јавноста во заблуда“, прашува македонскиот тим од Комисијата.

Членовите од македонскиот тим во Комисијата со порака и до медиумите.

„На крајот, во контекст на јавноста би ги охрабриле медиумите да не пренесуваат селективни информации кои доаѓаат од Софија, туку да ги земат предвид сите релевантни различни мислења за јавноста да има можност да донесе вистински суд за нашата работа и она што е одлучено. Со селективноста се креира нецелосна слика за одредена појава и/или процес со што јавноста може да се доведе до заблуда“, стои во реакцијата на македонскиот тим на билатералната експерска Комисија за образовни и историски прашања.

МИА

- Реклама -