Има 7 години, а заробен во тело на старец

mohamed
„Сакам да сум згоден како другите деца“.

Мохамед Абделмаџид има 7 години, ама е заробен во тело на старец. Страда од ретката болест прогерија, позната и како синдром на предвремено стареење. Првите симптоми ги имал кога имал 7 месеци. Го однеле на доктор во Дамаск, а таму констатирале дека има прогерија и дека како што расте, симптомите ќе ги има сé повеќе и ќе бидат сé поизразени. Од мај годинава, живее со своето семејство во Турција, откако морале да побегнат од Сирија заради војната.

„Кога одам по улица и луѓето ме гледаат, ми се смеат за тоа како изгледам, и одам дома да плачам“, вели Мохамед. Заради тоа, тој живее во дом во кој неговите родители ги имаат отстрането сите огледала низ куќата. Добива напади и има тантруми (изливи на бес) секогаш кога ќе си ја види рефлексијата од лицето.

Според Progeria Research Foundation, од прогерија „заболува“ еден од 20 милиони луѓе. Тоа е ретка и фатална болест која се манифестира со општо забрзано стареење кај децата. Знаејќи го тоа, јасно е дека „клетвата“ на Мохамед не е само во изгледот. И неговото срце е старо. Заради тоа тој не смее да игра, а кога и да игра се изморува до исцрпеност. Од таа причина и умираат најголемиот дел од децата со прогерија – од компликации на срцето.

Просечниот очекуван животен век кај децата како Мохамед е 14 години.

А Мохамед само сака да оди во училиште, како сите други деца. Сака да не му се смеат. Сака докторите да му помогнат. Сака да оди во болница за да му го „поправат“ лицето. Сака да оди во Германија зашто мисли дека таму ќе го излекуваат и дека конечно ќе може да оди во училиште и да учи без да го задеваат. Сака да стане доктор… 

- Реклама -