Или сите ќе го делат товарот, или ќе донесат други одлуки – Македонска пошта мора да напредува, уверен е Николоски

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска истакна дека состојбата на поштенскиот пазар не може да остане не променета и дека е неопходно да се воспостави фер однос помеѓу државната и приватните пошти. На јавниот состанок организиран од Агенцијата за пошти, Николоски нагласи дека е неприфатливо приватните оператори да го преземаат само профитабилниот дел од пазарот, додека Македонска пошта се соочува со општествената одговорност за испорака и во рурални, како и во непрофитабилни области.

„Да бидеме фер и отворени – многу е лесно да се земе профитабилниот дел од пазарот, а Македонска пошта да носи општествена одговорност. Или сите заеднички ќе го носиме товарот, или ќе преземеме други мерки“, рече Николоски, истакнувајќи дека неговата цел е раст на Македонска пошта, а не нејзино пропаѓање.

Тој потсети дека во рамките на Планот за раст се бара подобрување на ефикасноста преку намалување на трошоците за 15 проценти и зголемување на профитабилноста за ист процент, но оцени дека во сегашните услови е практично невозможно без промена на регулативата. Николоски истакна дека Македонија континуирано ја следи европската пракса во регулацијата на поштенскиот пазар, иако не е членка на ЕУ, што создава сериозни предизвици за функционирањето на Македонска пошта. Тој подвлече дека актуелната Влада има јасна определба да го заштити државниот капитал и компаниите, за разлика од претходните влади кои беа подготвени да ги продаваат.

Во таа насока, најави законски измени како резултат на консултации со сите релевантни учесници на пазарот, со цел создавање на правични услови за работа. Вицепремиерот информираше дека следниот месец Владата ќе ѝ обезбеди на Македонска пошта 100 нови возила – 90 помали и 10 поголеми комбиња, што значително ќе ги подобри условите за работа и испорака.

Дополнително, најави програма за поддршка во областа на софтвер, сортирни центри, просторни услови и модернизација на услугите, со значајна улога на соработката со Агенцијата за пошти. Осврнувајќи се на глобалните трендови, Николоски нагласи дека традиционалната трговија постепено исчезнува, додека е-трговијата станува сè попопуларна, што отвора нови можности за поштенскиот сектор.

„Ќе видиме затворени продавници и трговски центри, но и многу повеќе пратки што директно ќе одираат до адресите на граѓаните. Тоа е шанса и за државните и за приватните пошти, како и можност загубените работни места во традиционалната трговија да бидат надоместени со нови“, истакна тој. Според Николоски, работите мора да се гледаат реално, а не розово, за да и државната и приватните пошти работат профитабилно, да имаат повеќе вработени и да не се повторуваат лошите искуства од минатото.

Во моментов на македонскиот пазар работат 29 правни лица за поштенски услуги – 28 со општо овластување и АД Пошта на Македонија како државна компанија. На настанот се обрати и директорката на Агенцијата за пошти, Марина Тоневска, која направи осврт на досегашните активности и идни планови, додека Данијела Спасиќ Томовска ја презентираше анализата за пазарот на поштенски услуги за првата половина од 2025 година.