ИЈЗ: Минатата недела имало 86.5% повеќе заразени во однос на неделата претходно

Во периодот од 5 октомври до 11 октомври забележано е зголемување на бројот на новодијагностицирани, како и на процентот на позитивни лица од тестираните на Ковид-19. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст од 30 до 39 години, соопштува Министерството за здравство повикувајќи се на најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Како што покажува извештајот, од 13.028 тестирања дијагностицирани се 2.243 новозаболени од 33 града во државата, што претставува зголемување од 86.5% во однос на неделата претходно. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1155; 51,5%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Гевгелија – 215,1/100.000.

Процентот на позитивни случаи од тестирани во овој период изнесува 17.2% или 5% повеќе во однос на претходната недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст 30-39 (n=456, 20,3%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 години (n=440; 19,6%), 20-29 години (n=414; 18,5%), над 60 години (n=405; 18,1%) и 50-59 години (n=343; 15,3%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 години (n=53; 2,4%) и 10-19 години (n=132; 5,9%).

Во споменатиот период, од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=1.347; 60,1%), регистрирани се 94 (7,1%) хоспитализирани, а кај 319 (23,7%) лица е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број на нови случаи, 513 (38,1%) имале контакт со потврден случај. Регистрирани се 22 (1,6%) лица со историја на патување (во последни 14 дена).

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 815 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 29 повеќе, во споредба со претходната недела.

Пријавен е 31 смртен случај од 15 градови, за еден повеќе од претходната недела. Во однос на возраста, 26 лица биле над 60 години, а 4 лица на возраст од 50-59 години. Само едно лице е од возрасната група 40-49 години. Коморбидитети се регистрирани кај 24 починати лица.

- Реклама -