ИЈЗ: 129 починати од ковид во изминатава недела, за 2.3 пати повеќе во однос на претходната

Од 8 до 14 март во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, биле тестирани вкупно 22.625 материјали, што е зголемување од 7.3% во однос на претходната недела. Регистрирани сe 5.456 нови позитивни случаи од 34 градови во државата, што е зголемување од 22.2% во однос на претходната недела, се наведува во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Процентот на позитивни во периодот од 8 до 14 март се движел од 19.4 до 27.4%, или во просек 23.9%, што е идентично како и неделата претходно.

Во наведениот период, регистрирани се 129 смртни случаи (од 21 град), односно 2.3 пати повеќе во однос на неделата претходно. 110 од нив имале над 60 години, 17 биле лица на возраст од 50 до 59 години, и 2 лица биле на возраст од 40-49 години.

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 2.737 лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е намалување од 29.7% во споредба со претходната недела.

Што се однесува до новите случаи, најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=2.708; 49,6%), со неделна инциденца од 438.4/100.000, а највисока неделна инциденца (од 809.6/100.000) е регистрирана во Демир Капија.

 

Меѓу заболените, регистрирани се лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (n=1.434, 26,3%). Голем број заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30 до 39 (n=1.064; 19,5%), 40-49 (n=977; 17,9%), 50-59 (n=916; 16,8%) и 20-29 (n=698; 12,8%). Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 (n=116; 2,1%) и 10-19 години (n=251; 4,6%).

Во поглед на вакцинацијата, во извештајот на ИЈЗ се посочува дека заклучно со 15 март, вкупно се вакцинирани 5.061 здравствени работници.

- Реклама -