Сте помислиле некогаш дека еден ден играњето на шипка ќе го гледаме на Олимписки игри? Или дека ќе го прават и (стрејт) мажи? Идејата не е толку далечна од реалноста како што мислевме.
Од неодамна, Светската асоцијација на интернационални спортски федерации (GAISF, од Global Association of International Sports Federation) му додели „Observer Status“ (ќе објасниме подоле) на играњето на шипка (aka. „pole dancing“, или само „pole“). Во превод, тоа значи дека играњето на шипка станува официјално признат спорт, а Интернационалната спортска федерација на играње на шипка (IPSF, од International Pole Sports Federation) добива статус на членка на GAISF.
Како се случи?
Во голема мера ова е резултат на кампањата предводена од 41-годишната Британка Кејти Коатс – која е и основач на IPSF. Сагата почнува во 2006-та, кога Коатс почнала петиција за вклучување на pole dancing-от во Олимписките игри. Петицијата собрала повеќе од 10.000 потписи, но привлекла многу внимание.
„Во раните 2000-ти, луѓето почнаа да играат на шипка како форма на фитнес вежба, остранувајќи ја сексуалната стигма и доближувајќи го до обичните луѓе… Почнаа да се организираат натпревари, но беа многу аматерски, судии обично беа пријатели на натпреварувачите. Мојата цел беше да го направам попрофесионално“, раскажува Кејти.
По „успехот“ на петицијата во 2006-та, таа остава сé (дава отказ и од работа) и почнува да работи на тоа да го претвори играњето на шипка во професионален спорт. Во 2009-та ја создава IPSF, а во 2012-та го одржуваат првото светско првенство во играње на шипка, истовремено со Олимписките игри, со цел да привлечат внимание и на овој „спорт“.
„Се чувствувам како да го постигнавме невозможното. Сите ни рекоа дека нема да успееме да биде признаено како спорт“, вели за Daily Telegraph.
Спорт или уметнички стриптиз перформанс?
Според IPSF, играњето на шипка се сведува на „атлетицизам и техника“, исто како и „другите олимписки стандардни спортови, како гимнастика, скокови во вода или лизгање на мраз“. Со други зборови, иако првата асоцијација на играњето на шипка е стриптиз клуб, перформансот не мора да го има тој еротски елемент.
Арно ама, сé уште се води голема дебата дали играњето на шипка треба да биде одвоено од своите корени. Кога во 2015-та и 2016-та луѓето на Инстаграм почнаа да споделуваат фотографии од новиот фитнес тренд под хаштагот #Notastripper („не сум стриптизерка“), се јавија многу навредени. Главно беа од оние интернет поборниците за социјална правда (познати како SJW), ама имаше и стриптизерки. Аргументот е дека хаштагот, ама и самото отфрлање на сексуалниот аспект – претставува стигматизација на сексуалните работнички, ама и дека играњето на шипка е уметничка форма што тие ја имаат измислено.
И покрај приговорите, авторитетните тела во pole dancing-от, меѓу кои и IPSF, продолжуваат да организираат натпревари, и тоа за сите возрасти – од 10 до 65 години. Тврдат дека не само што е спорт, туку е и за секаква публика.
Може ли играњето на шипка да стане олимписки спорт?
За почеток, патот на играњето на шипка до официјален спорт уште не е целосно изминат. За да станеш официјален спорт, објаснува Кејти, треба да имаш федерации на 4 континенти во вкупно 40 земји, и тоа федерации кои ќе бидат признаени од националните спортски федерации во тие земји. Фората е што повеќето земји не признаваат нови федерации освен ако не се за официјално признат спорт. Да, ситуацијата е како „јајцето или кокошката“. До неодамна, нов спорт немало цели 30 години.
Но тогаш GAISF решава да го промени процесот кој го користат за признавање на официјални спортови. Го воведува гореспоменатиот „Observer Status“. Таквиот статус значи дека спортот е само привремено признаен како официјален, во важење од 2 години. Или како што објаснува Кејти:
„Ни дадоа сертификат кој вели дека сме официјален спорт. Документ кој нашите федерации можат да им го покажат на нивните национални спортски федерации и да им речат: видете, ние сме спорт… Веќе имаме одобрено 15 федерации, нема да биде проблем да стигнеме до 40 за две години“.
Колку за перспектива, еве и некои други спортови на кои GAISF им има доделено „Оbserver Status“, т.е. привремено се признати како официјални: туркање на рака, доџбол (по нашки „Народна“), фудбалче на маса, чирлидерство, трки со глисери, влечење на јаже и kettlebell lifting.
Што се однесува до патот на еден спорт до олимписки спорт, клучните услови се овие:
• да биде член на Светската анти-допинг агенцијa – WADA (Играњето на шипка е. Оваа година WADA прв пат ги тестираше играчите на шипка; немаше ниту еден допингуван)
• соодветната спортска федерација мора да е член на GAISF
(Ете, IPSF е привремено таква, на пат да стане траен член)
• таа спортска федерација треба да вклучува 50 национални федерации
(како што рековме, IPSF досега има 15, но очекуваат да имаат 40 за две години)
Како што гледате, олимписката судбина на играњето на шипка во голема мера ќе зависи од членството во GAISF, бидејќи GAISF е чадор-организацијата во чии рамки спаѓаат сите олимписки и неолимписки меѓународни спортски федерации. И сето ова под услов да се занемари контроверзното сексуално потекло на овој „спорт“.