Игор Филков за правда, Горан Минчев за администрација – ЗНАМ ги соопшти своите предлози за министри

„Се разговара за заменици-министри, државни секретари, а исто така отворени се прашањата и за четвртиот и петтиот ешалон. Во моментот се разговара за две заменички места, но ресорите сѐ уште не се дефинирани“, рече Мемов

Игор Филков и Горан Минчев се предложени за министри во министерствата за правда и за јавна администрација од редовите на движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

Имињата за членови на новата влада од партијата на Максим Димитриевски се утврдени на вечерашната седница на партискиот Централен одбор.

Портпаролот на движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов, соопштувајќи ги имињата на нивните кандидати за министри даде и нивна кратка биографија.

За скопјанецот Филков, роден 1979 година, кој е и претседавач на Централниот одбор на движењето ЗНАМ – За наша Македонија и член на Извршниот одбор, Мемов додаде дека е приватен стопанственик, управител на компанијата „Спектрум медикал“ од Скопје, а претходно бил надворешен соработник на проектот на ФАО-Канцеларија Скопје.

За Горан Минчев, роден 1972 година во Скопје, кој е дипломиран економист, генерален секретар на движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мемов потести дека е и поранешен пратеник во периодот 2008–2014 година, оти бил директор на Службата за општи и заеднички работи во перидот 2003–2006 година и заменик-директор на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ од 2002 до 2003 година.

На новинарско прашање дали движењето ЗНАМ – За наша Македонија преговара за заменик-министри, државни секретари, директори на јавни претпријатија, Мемов рече дека процесот не е завршен и во моментот се договорени позициите само во првиот ешалон.

„Се разговара за заменици-министри, државни секретари, а исто така отворени се прашањата и за четвртиот и петтиот ешалон. Но, сѐ уште нема договор за тие позиции. Се разбира, во јавноста прво ќе бидат обзнанети позициите што сме ги договориле со коалиционите партнери во владата, а потоа низ интерна партиска постапка ќе бидат дефинирани и носителите на функции“,

рече Мемов.

Во однос на тоа колку заменички места би добиле, Мемов одговори дека во моментот се разговара за две позиции, но дека ресорите сѐ уште не се дефинирани.

„Во прва фаза ќе биде изборот на владата, а после тоа оди втората фаза, изборот на заменици-министри, а потоа изборот на државните секретари“,

одговори Мемов.

Освен имињата на нивните предлози за министри во владата, Мемов рече дека на денешната седница на Централниот одбор на движењето ЗНАМ – За наша Македонија биле донесени и други одлуки.

„Во текот на преговорите усвоена е политичката платформа, стратешките определби, политичките начела и утврдени се конкретните програмски определби на движењето ЗНАМ – За наша Македонија кои ќе бидат составен дел од владината програма“,

рече Мемов.

Исто така, Централниот одбор едногласно го усвоил извештајот на централниот изборен штаб за претседателските и парламентарните избори во 2024 година, а била донесена и одлука за формирање нови општински организации на движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

- Реклама -