Времето и политиката се најчести теми на муабет во такси кај нас и си ги сакаме. Живееме во слободно општество, не се цензурираме, не се оттуѓуваме и споделуваме мислења со непознатиот нов соговорник зад воланот ко да сме се нашле на слава. Во Бразил ситуацијата не е поразлична во однос на изборот на теми, но повеќе нема да биде така, зашто разговорите за спорт, политика и религија ќе се казнуваат со закон.
Бразилскиот град Сао Паоло воведе нови построги правила за таксистите. Според новата регулатива секој кој вози такси неизбричен, со валкани нокти и несредена коса, ќе треба да плаќа девет долари казна.
Освен тоа таксистите треба да бидат и пристојно облечени. Според општината тоа значи да носат кошула, панталони или темни фармерки, како и затворени чевли.
Ако пак возат т.н. луксузни такси, тогаш треба задолжително да носат костум со вратоврска. Од управата на Сао Паоло имаат барања и кон однесувањето на возачите на жолтите автомобили. Тие не смеат да се расправаат со своите клиенти на теми како фудбал, политика или религија. Освен тоа треба да ја завршат својата работа со оптимизам и расположение, гласи уште новата одредба, која стапи во сила на почетокот од годината. Целосно недопустливо е да пцујат, да дискриминираат клиенти или да одбиваат плаќање со банкарска картичка.