Хулиганството да стане спорт

На една година пред Светското првенство во фудбал што ќе се одржи во 2018-та во Русија, пратеникот Игор Лебедев има чуден предлог. За да се стави крај на фудбалското хулиганство, тој препорачува тепачките меѓу навивачите да се легализираат и да станат „набљудувачки спорт“.

На минатогодишното европско првенство во фудбал во Франција, руските навивачи се тепаа со Англичаните на улиците во Марсеј. Токму таквите случувања се инспирација за Лебедев да се обиде да создаде нов спорт, кој би се нарекувал „драка“ (што на руски значи „борба“). Замислата е секоја од двете навивачки страни да има своја група од 20 навивачи, кои ќе се борат меѓусебно без оружје, во специјална арена, пред публика.

Со тоа, пишува Лебедев на страната на Либерално-демократската партија на Русија, навивачкото хулиганство би можело да биде трансформирано од навивачка агресија – во мирен натпревар. Тој исто така рече и дека новиот спорт би можел да послужи како пример и за англиските навивачи, за кои рече дека се лоши борци. Другите добри страни, според Лебедев, е што Русија би била пионер во овој спорт, а и што борбите би можеле да привлечат илјадници гледачи.

„Да речеме, доаѓаат англиските навивачи и бараат борба. Ќе добијат одговор – предизвикот е прифатен, состанок на стадион во договорено време“.

Тешко е да се каже дали Лебедев е невиден трол и добро го владее сарказмот, или е сериозен. Кога Русите се тепаа со Англичаните во Марсеј, тој го прокоментира судирот, навидум поддржувајќи ги: „Така е момци, само продолжете“.

Како и да е, неговата главна цел е една: Русија да биде апсолутно безбедна за сите туристи кои ќе дојдат на Светското првенство во фудбал во 2018-та година. А предлогот и не му е толку луд – се шпекулира дека навивачките групи веќе организираат слични нелегални борби.

 

- Реклама -