Хрватската фудбалска репрезентација одигра 1:1 (0:0) против Италија во Лајпциг, во последното трето коло од групата Б на Европското првеснтво, а овој резултат најверојатно нема да биде доволен за пласман на „коцкестите“ во осминафиналето.
Во вториот натпревар од третото коло од оваа група, Шпанија ја победи Албанија со 1:0. Шпанија е прва во групата, а Италија е втора, со што обезбеди осминафинале против Швајцарија, в сабота од 18 часот. Хрватска е трета со два бода и треба да почека до крајот на групната фаза, но во овој момент шансите да се најде меѓу четирите најдобри третопласирани репрезентации се многу мали.
За да се пласира во осминафиналето, на Хрватска ѝ е потребно Англија да победи против Словенија со најмалку три гола разлика, потоа Данска против Србија, Турција против Чешка и Португалија против Грузија.
Пеналот на Лука Модриќ во 54. минута го одбрани италијанскиот голман Џиџи Донарума, но само минута подоцна Модриќ ја поправи грешката и постигна гол кој вредеше за осминафиналето сѐ до 98. минута. Во последната минута од судиското надополнување, Матија Закањи постигна гол за 1:1, намалувајќи ги шансите на Хрватска на минимум.
Не ѝ требаше многу време на Хрватска да ја направи првата шанса и тоа беше одличен удар на Лука Сучиќ во петтата минута. Повлече дијагонално, од речиси 20 метри. Топката отиде под гредата, но одлично реагираше италијанскиот голман Џанлуиџи Донарума. Италијанците возвратија неколку минути подоцна кога прекрасно ја проиграа Хрватска на средината на теренот, а опасниот центаршут пред Распадори го расчисти Понграчиќ.
Од првата минута беше видлива претпазливост во играта на двете страни, но и покрај тоа двете екипи многу суптилно тргнаа напред од одбраната и влегоа во ветувачки ситуации со квалитетни вертикални додавања. Хрватска сепак доминираше во поседот, но Италијанците ја имаа првата и следната поголема шанса. Ретеги го натскока Гвардиола и шутираше со глава, но топката мина покрај стативата од Хрватска. Само една минута подоцна повторно шанса имаше Ретеги, но неговиот обид беше изблокиран.
Во средината на првиот дел Италијанците се наметнаа и почнаа да доминираат. Стануваше сѐ поопасно на половина на Хрватска, а Италијанците пропуштија голема шанса во 27. минута. Бастони беше целосно сам на втората статива, но неговиот добар удар со глава одлично го одбрани Ливаковиќ. До крајот на полувремето секоја екипа се закани по еднаш. Прво Хрватска создаде гужва пред Донарума, но никој не го испрати последниот удар, додека на другата страна од тешка ситуација опкружен со бројни хрватски играчи се обиде Пелегрини, но и тој удар го спречи Ливаковиќ.
Откако тренерот Далиќ не сакаше да ризикува во играта во првите 45 минути, првиот потег го направи на стартот од вториот дел внесувајќи го напаѓачот Анте Будимир. Хрватска веднаш покажа одредена агресивност на почетокот на вториот дел кога Гвардиол беше на својата половина од теренот. Тој ја донесе топката до италијанскиот шеснаесетник, но изостана завршницата на акцијата.
По неколку опасни нафрлувања пред Донарума, во 53. минута беше досуден пенал за Хрватска. Топката го погоди Фратеси во раката а судијата Макелие покажа на белата точка. Сепак, Хрватска не ја претвори совршената шанса во гол. Ударот на Модриќ го одбрани Донарума, но само една минута подоцна сепак дојде до ерупција на одушевување кај хрватските навивачи во Лајпциг. Прво италијанскиот голман брилијантно го сопре ударот на Будимир, но прв до одбиената топка дојде Модриќ, кој овојпат беше прецизен и немилосрден. Од свртување ја смести топката под пречката за 1:0 за Хрватска.
Потоа беше јасно дека Италијанците ќе притиснат, бидејќи поразот може да ги исфрли од 16-те селекции кои го продолжуваат турниро, додека Хрватска се повлече и чекаше контранапад како шанса за втор гол. Во 61. минута повторно со глава се закани на Бастони и беше многу блиску до голот за 1:1. Пред Ливаковиќ во бранови летаа опасни нафрлувања. Многу често Хрватска панично се бранеше, но некако го одржуваше водството во тој период додека Италијанците силно притискаа.
Киеза внесе многу живост во италијанската игра, а потоа Спалети на теренот го внесе класичниот напаѓач Скамака. Италијанските напади стивнаа во периодот од 70. до 80. минута, а потоа на десет минути пред крајот Бастони во последен момент ја симна топката од главата на Будимир за потенцијално да го заврши овој дуел.
Хрватска водеше до 98. минута, но потоа Закањи извонредно погоди од спротивниот агол и на Италија ѝ обезбеди второ место, а на Хрватска минимална надеж да го види осминафиналето.