Храната што се јаде секој ден е исклучително важна за подобро расположение, за психо-физичкото здравје, но и нормално функционирање во текот на денот. Допаминот, на пр., е еден од хормоните на среќа – го подобрува чувството на задоволство и благосостојба… Одредена храна го стимулира ослободувањето допамин, па затоа е битно да се јадат намирници што го зголемуваат нивото на овој хормон во телото.
Стручњакот за здрав животен стил, Најма Хасан Дијана говори за храната што го подобрува расположението во сиви, тмурни денови.
Темно чоколадо
Тоа, според нутриционистката, е богато со антиоксиданси и е исклучително моќно поради содржината на фенилетиламин – соединение коешто влијае на расположението. Тоа може да биде добра закуска пред тренинг бидејќи го зголемува и нивото на енергија.
Риба и јајца
Овие секојдневни намирници се богати со протеини и се одлични за поттикнување на лачењето допамин. Рибата е дополнително богата со омега-3 масни киселини.
– Додадете и храна богата со протеини во Вашата исхрана. Тоа ни помага да изградиме мускули и за подобро заздравување. Поголемиот внос на протеини е поврзан со подобро расположение, советува Дијана.
Јаткасти плодови и семиња
Тие се извор на здрави масти и разни други хранливи материи. Овие плодови имаат хранлива вредност и се богати со тирозин – аминокиселина којашто го создава допаминот.
Авокадо
Како извор на здрави масти, ова овошје има антиинфламаторно дејство и помага во контрола на нивото на шеќер во крвта. Тоа содржи и значителни количини на фолати, или витамин Б-9 што исто така му помага на мозокот да лачи допамин.
МИА