Хоспитализирани близу 350 пациенти во државава, детската болница во Козле се пренаменува за болни од Ковид-19

Според податоците на Министерството за здравство, до вчера утрото, во државава се хоспитализирани вкупно 346 пациенти од Ковид-19.

Во соодветното деноноќие (18/19 јуни), на Инфективната клиника се примени 13 пациенти. До вчера утрото, вкупно се хоспитализирани 99 пациенти, од кои на кислородна поддршка се 46 пациенти, а нема пациенти на механичка вентилација.

Во ГОБ „8 Септември“, во истиот период, примени се 16 нови, а вкупно хоспитализирани до вчера се 126 пациент. На респираторна машина се 7, a со потешка клиничка слика се уште 36 пациенти.

Во болницата во Битола до вчера се хоспитализирани 30 пациенти, а во болницата во Штип се хоспитализирани 19 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 72 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.

За споредба, до четврток утрото, во државава вкупно биле хоспитализирани 337 пациенти, додека до средата вкупно биле хоспитализирани 328. До вторникот нивниот број изнесувал 332, а до понеделникот биле хоспитализирани вкупно 318 пациенти.

Поради порастот на пациенти во болниците, се мобилизираат нови капацитети. Последен во низата е Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“, кој со одлука донесена вчера станува ковид болница за возрасни.

Дел од хоспитализираните деца во „Козле“ се испишани за домашно лекување, а останатите, кои сѐ уште имаат потреба од хоспитализација, веќе од вчера се префрлени на Универзитетска Клиника за Детски Болести. Само децата што се позитивни на тестот за коронавирус ќе останат на лекување во „Козле“, со тоа што само уште четири деца ги чекаат резултатите.

Како што објави порталот „Фактор“, во болницата во Козле од утрово веќе се монтираат кревети за возрасни, а вкупно ќе бидат донесени 70 легла. Со оглед дека во болницата работат само педијатри, заедно со креветите ќе пристигне и персонал од интернисти и пулмолози.

Во „Козле“ ќе бидат хоспитализирани само пациентите со полесна и средна клиничка слика, бидејќи болницата нема соодветна кислородна поддршка за респиратори.

- Реклама -