Хјуман рајтс воч (ХРВ) ги обвини САД и нивните сојузници за недостаток на критики за акциите на Израел во Појасот Газа, прашувајќи каде се повиците Израел да ги почитува меѓународните норми при нападот врз Газа, како и повиците за одговорност.
„Реакцијата од Вашингтон и, со неколку исклучоци, европските престолнини на акциите на Израел во Газа од 7 октомври е пригушена. Каде е јасната осуда на суровото заострување на 16-годишното затворање на Газа што претставува колективна казна, воено злосторство?“, рече вчера заменик-директорот на програмата на ХРВ, Том Портеус.
Портеус, исто така, изрази бес поради изјавите на израелските лидери „кои се обидуваат да ја заматат многу важната разлика меѓу цивилите и борците во Газа, иако наредуваат постојано зголемување на бомбардирањето на оваа густо населена територија, претворајќи ги градските блокови и населби во урнатини“.
„Каде се јасните и недвосмислени повици Израел да ги почитува меѓународните норми во нападот врз Газа?“, праша Портеус.
Тој рече дека барањата на меѓународното хуманитарно право за заштита на цивилите треба да важат за сите.
Портеус се осврна на руската инвазија на Украина, каде што западните земји ја истакнаа важноста од почитување на правилата на вооружениот конфликт во нивните напори да добијат меѓународна поддршка за Украина и да ја изолираат Русија.
„Лицемерието и двојните стандарди на западните земји се флагрантни и очигледни“, критикуваше Портеус.
Тој нагласи дека ова ризикува да ја поткопа долгогодишната макотрпна работа на хуманитарните групи и групите за човекови права, заедно со некои држави, „за зајакнување и стандардизирање на нормите наменети за заштита на цивилите заглавени во конфликти ширум светот“.
МИА