Повиците на ДУИ за ветинг се само манипулација за да создадат илузија на транспарентност, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на Коалицијата „Влен“, Фари Хисени.
-Кога ДУИ зборува за пријавување на криминалите во обвинителството, секогаш се потпира на своите луѓе инсталирани во системот. ДУИ и нејзините сателити, како партија со луѓе на американската црна листа, треба да се реформира за да се ослободи системот од криминалните кланови и конечно граѓаните да добијат заслужена правда, рече тој.
Хисени потенцира дека ДУИ веќе една недела молчат за случајот со Иџет Мемети и Наќе Георгиев, нивни кадри кои, како што рече, се фатени на дело со корупција и соработка.
-Овој случај јасно покажува како функционира октоподот на криминалот и корупцијата во оваа држава. Прво се негираат обвинувањата, а потоа, кога не можат да ги сокријат доказите, тука е „абазиското“ обвинителство за да ги среди работите. Во овој контекст, му упатуваме јавно прашање на обвинителот Ислам Абази: Дали треба да има олеснителни околности за лица кои требало да ја спроведат правдата? Иџет Мемети, кој имал важни позиции за време на 22-годишниот режим на ДУИ и Наќе Георгиев, судија на Врховен суд, се персонификација на октоподот на криминалот и корупцијата во судството. Како коалиција, со право поставуваме јавни прашања: 1.Колку други случаи ДУИ организирале со овие два лица кои сега се познати за нас?, праша портпаролот на „Влен“.
Хисени нагласи дека „Влен“ секогаш ќе се ангажира за праведен и некорумпиран систем. Посочи дека тие ќе продолжат да работат за да осигурат дека правдата ќе биде воспоставена и оти секоја злоупотреба ќе се третира сериозно.