„Свесни сме дека мерките што ги донесовме се многу рестриктивни и порестриктивни од тоа што многу граѓани го очекуваа. Меѓутоа, свесно ги носиме за вас, за да бидете заштитени и во мир и во спокој да ги поминете овие празници, а не да се соочувате со ситуации кога ваши најдраги се болни или пак хоспитализирани, или тоа што никој не го посакува – да ја изгубите битката со вирусот“, порача денеска заменик-министерот за здравство – Илир Хасани, на заедничката прес-конференција со премиерот Заев, министерот Филипче и претседателот на Комисијата за заразни болести – Жарко Караџовски.
Како што истакна Хасани, изборот бил меѓу рестрикции сега, или рестрикции за време на празниците.
„Се наоѓаме на прагот на големи верски празници, свесни сме сите за тоа, но и вие сте свесни дека се наоѓаме и во тешка општа состојба и ситуација на државата. Ние размислувавме проактивно, се соочивме со два избора: Или ќе ограничиме пост, или пак ќе се затвораме за Бајрам и за Велигден. Требаше да бираме меѓу овие две опции. Ако не донесевме одлука, со сигурност ќе се соочевме со затворање за празникот – и за Бајрам, и за Велигден. Се надеваме дека тоа нема да се случи и се надеваме дека големите верски празници ќе ги поминеме без вакви големи ограничувања“, рече заменик-министерот за здравство.
Тој ги повика граѓаните многу да внимаваат.
„Граѓаните за време на празниците ќе мораат да внимаваат, затоа што традиција е, знаеме сите, да одиме кај постарите, а тоа е најризична категорија на граѓани бидејќи вирусот за нив е најфатален. Секој од нас има индивидуална одговорност во битката со овој вирус и штитејќи се сами – ние ги штитиме и нашите најсакани“, апелира Хасани.
Тој додаде и дека мерките, иако многу непопуларни, ги превземаат за да се намали и притисокот врз болниците, но и за да се спречи ширењето на вирусот, бидејќи се покажало дека британскиот сој е поопасен од тоа што се претпоставувало.
„Да празнуваме сите безбедно, а тоа зависи само од нас“, порача Хасани.