„И додека болниците се преполни со пациенти поради компликации од Ковид-19, па скоро и во приватните болници тешко се наоѓа слободен болнички кревет, сепак забавата не застанува во кафичи и кафеани“, критикува на Фејсбук заменик-министерот за здравство Илир Хасани.
Тој предупредува дека ваквото невнимание скапо ќе нѐ чини и повикува на одговорност на граѓаните, пред сѐ на оние прозваните, додека не е предоцна.
„Не си играјте играчки со ковидот“, порачува Хасани.
Од Министерството за здравство, врз основа на извештаите од болниците, информираат дека на инфективните оддели во целата држава се лекуваат вкупно 1082 пациенти позитивни или сомнителни на ковид-19.
Во Скопје се хоспитализирани 463 пациенти
Во главниот град хоспитализирани се вкупно 463 лица, од кои голем број се на кислородна поддршка. Поради зголемениот број на пациенти, отворен е и ковид-центратот на ТОАРИЛУЦ, на Клиниката за трауматологија.
Од Министерството велат дека утрово до 8 часот имало 50 слободни места, но се очекува во текот на денот, откако ќе бидат испишани оздравените пациенти, да се ослободат дополнителни кревети.
Инаку, во последните 24 часа на интерните клиники примени се 35 нови пациенти: 18 во ГОБ „8 Септември“, 12 на Инфективната клиника и двајца во Иститутот за белодробни заболувања кај децата – Козле. Испишани се 41 оздравени пациенти.
Во моментов, во ковид-центрите на интерните клиники и ТОАРИЛУЦ се лекуваат 221 пациент, во ГОБ „8 Септември“ се хоспитализирани 74 болни, на Инфективна – 129 болни, во Козле – 35, а на ГАК – 4 пациентки позитивни на ковид.
Во останатите градови хоспитализирани се вкупно 619 пациенти
Во болницата во Битола се хоспитализирани 58 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 46 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 22 пациенти, во Велес се лекуваат 50 болни, а во Куманово 92 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 90 пациенти, во Прилеп 89, во ковид центарот во Гостивар 23, а во Струга 22 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 34 пациенти, во Кочани 7 во Кичево 7, Кавадарци 64, а во Гевгелија – 15 лица позитивни и суспектни на корона вирусот.
Во ковид-центрите низ целата држава има вкупно околу 340 празни болнички кревети, велат од Министерството за здравство.