ОИ 1904 веројатно засекогаш ќе останат запаметени како едни од најбизарните, земајќи ги во предвид околностите во кои се одвиваа.
Требало да се одржат во САД во Чикаго, ама во последен момент се случила промена и одлучено е да се одржат во Сент Луис. Исто така дошло и до промена во времетраењето – наместо од 29 август до 3 септември, како што првично било планирано, ОИ 1904 се одржувале од 1 јули па сé до 23 ноември.
Се чинело дека никогаш нема да завршат. Организаторите испланирале 94 спортски настани, а во повеќето учествувале само натпреварувачи од САД. Заради тоа, натпреварите во некои од дисциплините, во кои отсуствувало присуството на натпреварувачи од другите земји, биле прогласени за Национални првенства на САД.
Сепак, најчуден од сé, ил маратонот. Се трчало во тешки услови, ама покрај трчањето, маратонците правеле и нешта што маратонци не би требало да ги прават. Било многу жешко, а патот по кој се трчало бил правлив. Капак на сé, правта се кревала уште повеќе заради трчањето на коњите и возењето на автомобилите кои им се испречувале на патот на маратонците.
Прв на целта стигнал Фредерик Лорц, кој пола пат го поминал со автомобил. Колата му се расипала на 30 километри од целта, па Лорц морал „екшли“ да трча до крајот. Сите мислеле дека тој е легитимниот победник, а му бил доделен и златен медал. Дури подоцна дознале што направил и го казниле – забрана за учество во натпреварите во времетраење од година дена.
Регуларниот победник бил Томас Хикс. Во тоа му помогнале дозите од стричин сулфат помешан со бренди. По поминувањето на целта веќе не можел да оди, а ако не го преземеле неколку доктори, веројатно ќе починел на стадионот.
Бизарна е и приказната на Феликс Карабајала. За воопшто да допатува во Сент Луис, овој поштар собирал парични прилози ширум Куба, а како тренинг трчал кругови околу плоштадот во Хавана. На трката во Сент Луис се приклучил во последен момент, нејаден и неспан цели 40 часови. На маратонот носел обична облека, па дури и беретка, со исечени волнени панталони наместо шорцеви. За време на трчањето нашол време и за ужинка – изел неколку трули јаболки, по што имал потреба да прилегне. Иако оддремал дел од трката, сепак на крајот стигнал четврти.
ЛОИ 1904 ќе останат запаметени и по тоа што прв пат учествувале црнци, и тоа баш во маратонот. Лен Таунјан и Јан Машиани биле припадници на племето Цвана од Африка. Вистинската причина за нивното доаѓање во Америка била всушност изложбата посветена на Бурската војна, а овие служеле како некој вид претстава. Таунјан освоил деветто, а Машиани дванаесетто место. Резултатот ги разочарал, особено што и самите гледачи сметале дека Таунјан можел да стигне до целта и порано, ако не го нападнеле агресивни кучиња.