Берлин, 4 април 2022 (МИА) – Берлин нема да воведува инстант ембарго на руската енергија, и покрај ѕверствата во Украина, изјави германскиот министер за економија Роберт Хабек, јави Би-Би-Си.
Според него, најголемата економија во Европската унија работи на прекинување на руската енергија.
„Работиме кон ембарго, со мерки што секој ден го погодуваат Путин. На добар пат сме и неделава ќе имаме уште поголем напредок на тој пат“, појасни Хабек.
Како што додаде, се работи на независност од руските гас, јаглен, нафта.
Хабек тврди дека пред руската инвазија на Украина, 35 отсто од германската нафта доаѓала од Русија. Сега, таа изнесува околу 25 отсто. По инвазијата, зависноста на Германија од рускиот гас се намалила од 55 на 40 отсто.
Поради цивилните убиства во Буча и на други места низ Украина, нови санкции против Русија ќе бидат одредени оваа недела, најави германскиот министер.