Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш ја повика Русија да се врати на договорот за извоз на украинско жито преку Црно Море, повторувајќи го предлогот што му го дал на рускиот претседател Владимир Путин претходно овој месец.
„Со завршувањето на Црноморската иницијатива, најранливите ќе ја платат највисоката цена“, рече Гутереш на отворањето на состанокот на високо ниво на Организацијата за храна (ФАО) при Обединетите нации во Рим.
„Кога цените на храната растат, сите плаќаме повеќе“, рече Гутереш.
Откако Русија се повлече од договорот и почна систематски да ги напаѓа украинските пристаништа на Црното Море и реката Дунав, цените на пченицата и пченката на светските берзи се зголемија.
„Она што се случува е особено поразително за земјите кои имаат проблеми со прехранувањето на своите жители“, додаде Гутереш.
Генералниот секретар на ОН му пиша на Путин на 11 јули во обид во последен момент да го спаси договорот за жито, предлагајќи Русија да остане во него, бројот на бродови што влегуваат и излегуваат од украинските пристаништа да се ограничи на по четири и поделбата на руската Аграрна банка, Роселколхозбанк, да биде поврзана со глобалниот платен систем СВИФТ. ЕУ ја исклучи банката од системот во јуни 2022 година.
Нејзиното враќање беше еден од условите на Москва да не го прекине учеството во договорот. Другиот беше да се олесни извозот на руски амонијак и ѓубрива, кој, според Кремљ, останува неисполнет, што е исто така аргумент за излегување од договорот за жито.
Од почетокот на војната во Украина, рускиот извоз на жито расте, но тој на вештачки ѓубрива драстично падна.
„Останувам посветен на олеснување за непречен пристап до глобалните пазари за храна и ѓубрива и од Украина и од Русија за да се обезбеди храната што секој човек ја заслужува“, рече Гутереш.
МИА