Гутереш ја осуди „гротескната алчност“ на компаниите за нафта и за гас поради рекордните профити од енергетската криза

Њујорк, 4 август 2022 (МИА) – Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш, ја критикуваше „гротескната алчност“ на компаниите за нафта и за гас поради рекордните профити што ги остваруваат од енергетската криза на сметка на најсиромашните луѓе во светот.

Тој истакна дека е „неморално“ тоа што најголемите енергетски компании во првиот квартал од годинава оствариле комбиниран профит од приближно 100 милијарди долари.

Гутереш ги повика сите влади да ги оданочат овие прекумерни профити и да ги користат даночните средства „за поддршка на најранливите општествени класи во овие тешки времиња“.

Генералниот секретар на ОН го презентираше и извештајот на Глобалната група за одговор на кризи, која ја формираше за да се справи со три меѓусебно поврзани глобални кризи – храна, енергија и финансии, кои особено ги погодија земјите кои се обидуваат да закрепнат од пандемијата со Ковид-19 и да се справат со катастрофалните последици од војната во Украина.

Прочитајте и:  Блинкен: САД ќе се прилагодат за да ѝ го дадат на Украина тоа што и треба
- Реклама -