„Гугл“ и „Амазон“ ќе отпуштат стотици вработени

Американските технолошки гиганти „Гугл“ и „Амазон“ во одделни најави соопштија дека ќе отпуштат стотици вработени.

„Гугл“ најави дека ќе отпушти „неколку стотици“ вработени и ќе реорганизира неколку сектори.

Отпуштени од работа ќе бидат вработените во главниот инженерски оддел на „Гугл“, како и во одделенијата кои се вклучени во развојот на гласовниот асистент и развојот на производи како што се паметните телефони Пиксел (Pixel), паметните домашни уреди Нест (Nest) и фитнес нараквиците Фитбит (Fitbit).

Дополнително, ќе бидат отпуштени „мнозинството“ вработени во одделот специјализиран за развој во областа на проширена реалност, се додава во соопштението на „Гугл“.

„Амазон“, како и „Гугл“, најави отпуштање од работа на „стотици вработени“, пред се во сервисот за стриминг „Твич“ (Twitch) и „Прајм Видео“ (Prime Video), како и во филмското студио „Метро Голдвин Мајер“, кое „Амазон“ го купи во 2021 година, пренесува Си-Ен-Ен.

Прочитајте и:  Google ќе мора да го продава Chrome

Само „Твич“ отпушта 500 работници или 35 отсто од целата работна сила.

Во 2023 година, компанијата „Алфабет“ (Alphabet), сопственик на „Гугл“, отпушти 12.000 вработени, а „Aмазон“ отпушти 27.000 работници.

Технолошките компании ширум светот минатата година отпуштија повеќе од 260.000 вработени поради падот на приходите.

МИА

- Реклама -